Германската министерка за одбрана кандидат за нов претседател на Еврокомисијата?

170
ФОТО: EPA-EFE-FELIPE-TRUEBA

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен е потенцијален кандидат за претседател на Европската комисија, тврди „Велт“.

Весникот наведува дека постојат големи шанси Лејен, која е блиска соработничка на германската канцеларка Ангела Меркел, да го наследи Жан-Клод Јункер на чело на Еврокомисијата.

Според „Велт“, во игра за нов претседател на Европскиот совет е белгискиот премиер Шарл Мишел, за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност – актуелниот еврокомесар за енергетика, Словакот Марош Шефчович, а за прв човек на Европската централна банка – актуелната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Французинката Кристин Лагард.

Изборот на новите раководители на институциите на ЕУ е на дневен ред на Самитот на Унијата што требаше претпладнево да продолжи во Брисел, но неговиот почеток е одложен со цел на европските лидери да им се даде дополнително време за консултации.

Главен спор меѓу лидерите предизвикува категоричното противење на земјите членки на Вишеградската група нов претседател на Европската комисија да биде холандскиот социјалдемократ Франс Тимерманс.

Во игра за оваа функција се споменува и актуелната еврокомесарка за конкурентност, данската либералка Маргрете Вестагер, која исто така се посочува и како кандидат за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност заедно со актуелниот белгиски премиер Шарл Мишел.

Според дипломатски извори во Брисел, за прв човек на Европскиот совет се споменува Бугарката Кристалина Георгиева, додека Германецот Манфред Вебер од Европската народна партија (ЕПП) и белгискиот либерал Ги Верхофстат би го делеле претседавањето со Европскиот Парламент, по две години и половина секој.

ФОТО: EPA-EFE-FELIPE-TRUEBA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...