Министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска смета дека одлуките на странските компании да ги прошират своите производствени капацитети и да реализираат нови инвестициски циклуси се најдобра потврда за стабилното и предвидливо економско опкружување што Владата ги создала преку активните политики за поддршка на инвестициите.
Апостолска, како што денеска соопшти нејзиниот Кабинет, вчера ја посетила германската компанија ВИК Груп која за наредната година најавила дополнителни инвестиции за проширување на производствените капацитети и асортиманот на производи во фабриката во ТИРЗ-Прилеп.
– Успешното работење на ВИК Груп, плановите за понатамошно технолошко унапредување на компанијата и отворањето на нови работи места за жителите од Пелагонискиот регион, испорачуваат реални економски ефекти за нашето стопанство, кои ќе значат и повисок животен стандард за граѓаните – рекла Апостолска при вчерашната посета.
На средбата со менаџментот на компанијата, Апостолска информирала дека преку програмите на Планот за економски раст, Владата и годинава продолжува да биде фокусирана на поддршка на стопанството, во чиј рамки преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите домашни и странски комапнии ќе бидат поддржани реализирани инвестиции кои ќе значат отворање на нови и добро платени работни места.
„ВИК Груп“ е германска компанија со која министерката Апостолска во име на Владата потпиша договор за државна помош во 2018 година, согласно кој компанијата преку петгодишен инвестициски циклус планира да вложи 12 милиони евра.