Германија одобри мерки за борба против насилство од десничарите

Новите правила ги обврзуваат Интернетот и социјалните медиуми да ги известуваат агенциите за безбедност и полицијата за говорот на омраза, а ако се сомневаат во кривични дела како што е вознемирување, треба да ја откријат ИП-адресата на сторителот на безбедносните служби.

34

Германската влада денеска одобри мерки за борба против политичкото насилство од десничарите, вклучително и построги правила за сопственост на оружје и построго следење на говорот на омраза преку Интернет.

Како што пренесуваат светските агенции, владата на канцеларката Ангела Меркел е под притисок да дејствува по убиството на проимигрантскиот политичар во јуни и нападот врз синагогата во Хале од страна на антисемитски напаѓачи на почетокот на овој месец, кога две лица беа убиени.

Двете злосторства ги извршиле десничарски екстремисти, активни на Интернет, кои го користеле за ширење расистичка пропаганда и за закана на политичарите.

Министерката за правда, Кристин Ламбрехт рече дека „ужасниот напад врз еврејската заедница во Хале повторно покажа до какви испади на омраза може да дојде преку Интернет“.

– Ќе се бориме против екстремно десничарскиот тероризам и антисемитизмот со сите сили на законот – порача Ламбрехт.

Новите правила ги обврзуваат Интернетот и социјалните медиуми да ги известуваат агенциите за безбедност и полицијата за говорот на омраза, а ако се сомневаат во кривични дела како што е вознемирување, треба да ја откријат ИП-адресата на сторителот на безбедносните служби.

Владата, исто така, сака да ја прогласи за противзаконска продажбата на оружје на припадниците на екстремистичките групи, а другите мерки вклучуваат обезбедување поголема финансиска поддршка на програмите за дерадикализација и на групите кои се борат против антисемитизам.

Германија пред две години донесе закон со кој се дозволуваат парични казни и до 50 милиони евра, доколку говорот на омраза на социјалните мрежи не се отстрани веднаш, а новите правила го поттикнаа Фејсбук да избрише илјадници вакви објавувања.

Според германските разузнавачки служби, во земјата има околу 24.000 екстремни десничари, од кои половина се потенцијално насилни.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...