Германија – земја во фокус на „МакеДокс“

91

Програмата „Земја во фокус“ на 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е посветена на Германија, земјата која денес гради најмногу филмски копродукции во Европа.

Главниот фокус на годинашниот „МакеДокс“ е создавање на копродукции како начин на рушење на ѕидовите и создавање подобра работна мрежа меѓу филмските професионалци и фестивалските организатори. Во програмата ќе бидат прикажани 8 германски документарни филмови, ставајќи посебен акцент на источно-германската продукција. Програмата е поддржана од Гете-институтот во Скопје.

Чешката вечер на „МакеДокс“, поддржана од Амбасада на Република Чешка во Скопје и Чешкиот Културен Центар во Софија, ќе се одржи на 27 август. Во Куршумли-ан, во 21 часот, ќе биде прикажан биографскиот документарен филм со пикантерии за светски познатиот чешки режисер Милош Форман „Форман наспроти Форман“ (Чешка, Франција/2019/78 мин.) во режија на иконата на чешката документаристика, Хелена Трештикова, и Јакуб Хејна. Истата вечер на платото пред Куршумли-ан, во 23 часот, ќе биде прикажана приказната за мистериозноста на „Главната автобуска станица“ во Тел Авив на младиот чешки режисер Томаш Елшик.

На Детската програма на „МакеДокс“ создадена и курирана од Меѓународниот фестивал за документарни и анимирани филмови ДОК Лајпциг, се селектирани 12 анимирани и доку-анимирани филмови за деца од школска и претшколска возраст, пред сѐ, од Германија.

Детската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар 23-27.08.2019 и тоа од 18 часот  – Анимирани приказни за деца од 5 до 55 години и од 19:30 часот  – Креативни документарни филмови за млади.

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...