Гериз-реторика

Од каде доаѓаат тие силни „емотивни изливи“ за кои зборува Бенвенист, но и таа пеколна потреба да се истураат кофи црнила врз друг? Како и секои силни “емотивни изливи“ нема од каде освен од - душата на оној што посега по такви, “емотивни изливи.“

1222

Не помина ни ден откако коалицијата на Заев го соопшти својот кандидат (Стево Пендаровки) за претстојните претседателски избори, а веќе проработи во полн погон омилената герез-реторика на водачот на огорчената опозиција Христијан Мицкоски. Тој кандидат бил плукнат „поданик“ на „деспот Зоран Заев.“ Тој излегол од „матрицата на заевизмот.“ Со своите црни “црнила“, поцрни и од „Црнила“ на К. Чашуле, тој не само што ја зацрнил, туку ја завил во црно “жална Македонија“, како што милуваа да пеат нашите протовмровци.

Изразот „гериз-ретрика“ е направен, како што лесно може да се погоди, по углед на изразот “гериз-уста.“  Првпат го чув тој израз како ученик во велешката гимназија, обичен во разговорниот јазик на велешани. Еквивалент за турцизмот “гериз“ е зборот “сливник“ за отпадни води од кои се шири неподнослива реа. Такви „сливници“ имаше доста по тесните, криви улички кои слегуваа од велешки „Којник“ (каде што живеев едно време) кон центарот на градот. Тој дел од Велес немаше канализација. Па така, отпадните води бавно си течеа по отворените, улични геризи со нивната неподнослива реа.

“Гериз-уста“ е фигуративен израз. Секој фигуративен израз е, како што се знае, двосмислен: има едно директно и едно изведено (по углед!), индиректно значење. Тие две значења се поврзани. Не можете вие да разберете што кажува изразот “гериз-уста“ ако не знаете што значи турцизмот “гериз.“ Како што ни јас не знаев сè додека не ги видов оние велешки “геризи“ кои слегуваа од “Којник“ кон центарот на градот. Накусо, од една “гериз-уста“ се излеваат зборови кои смрдат, зборови со неподнослива реа, по начин по кој се излеваат отпадни води со одвратна, неподнослива реа во велешките геризи.

Сега треба да се прашаме: што сака да постигне (но и што постигнува иако не сака!) некоја крупна политичка фигура како шефот на опозицијата Христијан Мицкоски кој прибегнува кон својата омилена гериз-реторика? Во прв ред, да го оцрни колку што може повеќе и подобро својот политички противник (Заев) во надеж дека колку што повеќе и подобро оцрнува друг, толку повеќе и подобро се – обелува себеси. А зошто има потреба да се обелува себеси? И тоа така што оцрнува друг, тотално? Логичниот одговор на тоа прашање е: затоа што ни тој не е којнае колку бел. Или, барем доволно – бел. Оти, кога би бил доволно бел, зошто би се обелувал себеси? И тоа така што ќе оцрнува – друг!

Има ли и некои други, научни докази кои можат да му дадат неопходна тежина и авторитет на популарното искуство дека зборовите кои излегуваат од гериз-уста (како и гериз-реториката кон која прибегнува некој шеф на опозиција) шират наоколу неподнослива реа и смрдеж? При овој повод ќе потсетам тука само на еден. Ни доаѓа од високата наука за јазикот.

Еден од најголемите лингвисти на минатиот, 20-ти век Емил Бенвенист му посвети, на тоа прашање, посебно внимание во својата расправа “Бласфемија“. Зборот „бласфемија“ е, по значење, спротивен пол (лексичка негација) на зборот “еуфемија“ кој разубавува и обелува. Освен тоа, објаснува Бенвенист во својата учена расправа за срамотењето/оцрнување (бласфемија), тие зборови се не само сиромашни со значења туку, како пцовките на пример, исцело лишени од порака (значење). А зошто? Затоа што сите изрази кои оцрнуваат и срамотат се силни и бурни „емотивни изливи“ на огорчена душа за – жалење. Како “емотивни изливи“ тие зборуваат само за тоа каква е душата на тој што зборува во тој момент. Таа душа не ви кажува ништо. Таа само го истура своето преполно торбе со гадости и валканици кои, веќе, не може да ги додржи во себеси.

Од каде доаѓаат тие силни „емотивни изливи“ за кои зборува Бенвенист, но и таа пеколна потреба да се истураат кофи црнила врз друг? Како и секои силни “емотивни изливи“ нема од каде освен од – душата на оној што посега по такви, “емотивни изливи.“ А зошто посега? Затоа што една, веќе преполна душа со црнила, мора некако и некаде да се истури. Или, само огоречена, црна душа може добро да оцрнува. А оцрнува само нешто што е недовоно црно или, дури, неподносливо бело. Оти, која би било смислата да се оцрнува нешто што е веќе – црно? Ете што заборава омилената гериз-реторика на водачат на опозицијата Мицкоски која не може без своите кофи “црнила“. А можеби и не заборава. Тој Мицкоски, најверојатно, ни абер си нема од и за тие – работи!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...