Хрватски „Кончар“ по подолга пауза се враќа на македонскиот пазар. Во Македонија во минатото во многу објекти и во транспортот има вградено многу негови производи, веќе учествува на повеќе објавени тендери, а доби охрабрување да се вклучи и во тендерите што ќе следат во иднина во енергетскиот сектор.
– „Кончар“ го чувствуваме како наша фирма. Имаме многу опрема вградено од нив во Република Македонија. Во последните 10 години не беше многу присутен во Македонија и сметаме дека оваа денешна средба во Скопје ќе биде основа за зголемување на соработката – порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на презентација на компанијата.
Анѓушев потенцира дека верува во регионалната соработка и истакна дека прво сите треба да соработуваме во регионот, а потоа со целиот свет, бидејќи, како што рече, во регионот ги знаеме нашите потреби кои не настанале денеска, туку постојат од претходно.
– Ние во регионот го познаваме нашиот менталитет, се разбирме, немаме јазични бариери и мислам се се тоа предности за таа соработка да биде поголема и поуспешна – рече Анѓушев.
„Кончар“ моментално учествува на повеќе објавени тендери на јавни и државни претпријатија.
Претседателот на Управниот одбор на „Коначар“ Даринко Баго посочи дека целта на нивното враќање во Македонија не е само да продаваат производи, туку да дојдат и да најдат партнери.
– Работевме во Битола и во Скопје, низа електрани и локомотиви се производ на „Кончар“ – рече Баго.
Тој додаде дека фирмата има промет од 400 милиони евра и оти над 60 проценти е извоз.
Амбасадорката на Република Хрватска во Македонија Данијела Баришиќ очекува дека соработката ќе биде успешна, посочувајќи дека новата Влада во Македонија е посветена на стопанството и оти сигурно „Кончар“ ќе има што да покаже и да понуди.