Нема дете, жена, родител, роднина по права или странична линија или сватовство што не е вработен. Сите се сместени во државната администрација реагира Граѓанско демократската унија.
ГДУ го споредува вчерашниот извештај на Голд брокер за невработеноста во земјава со новите вработувања поврзани со пратеници и министри од владеачката гарнитура.
„Вчера излезе извештај на Голд брокер, според кој нашата Македонија се наоѓа на 6-то место. Не е лошо местото, туку е лоша основата на која е правен извештајот. Истиот извештај е за стапка на невработеност и според истиот Македонија со 20% невработеност е на делба на 6-то место со Ангола. Полошо котираат од нас Босна и Херцеговина (35%) и Косово (30%). Извештајот кој е изработен е невалиден и заснован на стари, непроверени, не update-ирани податоци, кои најверојатно се од времето на Режимот. Нашата нова Влада со сите сили се бори со невработеноста и според сите статистички показатели (јавно објавени и лесно достапни) невработеноста е целосно искоренета и сега имаме 100% вработеност“ коментираат од ГДУ.
Оттаму и со став дека 100 отстотно вработување има само во семејствата на функционерите.
„Проектот Минимум едно вработување од секое семејство на функционер ги надмина очекуваните и предвидени резултати, па вроди со плод што никој не го очекуваше. Нема дете, жена, родител, роднина по права или странична линија или сватовство што не е вработен. Зачудува и фактот што сите се сместени во државната администрација. Со тоа се оневозможува нивниот претприемачки дух и се гаси иницијативата за сопствен бизнис и за енормни заработки преку тендери (малку филувани и поднаместени), но во корист на нашата напатена земјичка, сите тие сложно решија да земаат плата од заедничкиот буџет. Колку и да е истата плата, барем редовно се зима, а и за намален број на работни часови“, се додава во реакцијата.
Од ГДУ забележуваат дека сите вработувања на роднините на функционерите се во државни претпријатија и институции.
„Сега државните институции и претпријатија се полни со висококвалификувани и обучени кадри со звучни имиња (Фрчковски, Бучковски, Џафери, Бејта, Грчев) што е огромен плус за нас. Странските инвеститори веруваат на докажани и проверени кадри, кои со сопствени напори и мака се пробиваат на пазарот на трудот и ги земаат најдобите места. Затоа и странците (во широк лак) не заобиколуваат како земја за инвестирање. Си станавме дупка за складирање на светскиот отпад“, стои во реакцијата.
Оттаму сметаат дека младите, квалификувани и паметни веќе одамна ни отидоа од земјава.
– Останаа само оние што се докажуваат дома пред тато и мама, за да ја наследат нивната функција, од Бога дадена и пренослива по крвно сродство – велат од ГДУ.