Ако се откочи процесот на изградба на гасоводот на Водно и со интензивирањето на работите на останатите капитални инвестиции во третиот и чествртиот квартал од годинава Министерството за транспорт и врски ќе реализира 95 отсто од капиталните инвестиции во негова надлежност. Ова денеска го изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Според него, заклучно со август Министерството за транспорт и врски реализирало 64 отсто од парите наменети за капитални инвестиции што се под негово директно влијание.
Кај одржувањето на железничката инфраструктура реализацијата е 65 отсто, инфраструктурата во општините каде што живеат Роми е реализирана со 84 отсто, кај канализационата мрежа реализацијата е 40 отсто, но кај изградбата на гасоводот р4еализацијата е само 8 отсто.
– Проблем е изградбата на гасоводот на Водно. Овој проект има највисок удел во инвестициите под надлежност на Министерството за транспорт и врски, а реализацијата е минимална, само 8 отсто поради застојот кој е направен по реакциите на граѓанските организации – рече Сугарески.
Тој појасни и дека за гасоводот е земена најопрималната варијанта за реализација на проектот, а секоја друга опција е поскапа и се одолговлекува неговата изградба во другите градови во земјата.
Од Министерството појаснуваат и дека при подготовка на проектот на гасоводот низ Скопје, покрај трасата на Водно биле во опција неколку други, но тие не само што не биле изводливи, биле и многу поскапи.
Сугарески, како што рече, се надева дека проблемот ќе се надмине со аргументи, кои ги нуди владата, но ги нема од другата страна.
-Ако се понуди подобар проект и тек на трасата, ние ќе го прифатиме, но од досегашните анализи направени пред изборот на сегашната траса се покажа дека ова е најоптималното решение, а друго подобро не се нуди – рече Сугарески.
Тој потсети дека Владата гарантира, оти земјиштето околу гасоводната траса ќе се пошуми, дополнително се направени стеснување на површината која се оштетува и е намалена количината на сеча на шумата.