„Газпром“ куртули од казна

Одлуката на ЕК предизвика разочарување кај некои дипломати, особено од Источна Европа, кои се надеваа дека Брисел ќе биде построг кон „Газпром“.

217

По три години истрага за злоупотреби на пазарите во Источна и Централна Европа од страна на рускиот гигант „Газпром“, Европската комисија сепак одлучи да не ја казнува компанијата, но не ја исклучува оваа можност доколку во иднина таа го прекрши договорот.

Европската комесарка за конкуренција Маргрет Вестагер изјави дека е постигнат договор со „Газпром“, кој треба да ја натера руската компанија да ги почитува правилата за конкурентност на Европската Унија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Европската комисија од 2011 ги разгледува сомнежите за злоупотреба на доминантната позиција од страна на „Газпром“ во осум земји членки на ЕУ од Источна Европа – Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Унгарија и Чешка.

– Со постигнатиот договор, руската компанија ќе мора да го смени начинот на кој преговара за цените на гасот со овие земји и со тоа да овозможи создавање на покомпетитивен пазар – најави Вестагер.

Клиентите на „Газпром“ отсега ќе имаат право да побараат ревизија на цените, доколку сметаат дека плаќаат поскапо од земјите во Западна Европа.

„Газпром“ се согласи и да се откаже од рестрикциите кои им ги наметнува на овие земји за препродавање на гасот надвор од границите.

– Нашата одлука поставува правила на однесување на „Газпром“ во иднина и им дава ефикасна алатка на клиентите на „Газпром“ во Источна и Централна Европа за да се осигураат дека плаќаат комептитивни цени – изјави комесарката на денешната прес-конференција.

Договорените правила важат осум години, а доколку компанијата ги прекрши, Европската комисија има право да го казни „Газпром“ во висина од 10 отсто од нејзиниот годишен глобален обрт „без да мора да докаже дека се прекршени правилата за конкуренција на ЕУ“.

Одлуката на ЕК предизвика разочарување кај некои дипломати, особено од Источна Европа, кои се надеваа дека Брисел ќе биде построг кон „Газпром“.

На почетокот од истрагата во 2015, Европската комисија имаше потврда позиција за овој случај, како што покажуваат копии од првите документи од истрагата. Тогаш ЕК се подготвуваше да воведе строга казна за однесувањето на „Газпром“, сметајќи дека компанијата „намерно“ ја злоупотребува својата доминатна позиција во овие земји со цел да им наштети на владите и граѓаните во Европа.

Но, оттогаш ЕК го омекна ставот, што доведе до сомнеж дека има политичка позадина во случајот.

Литванскиот премиер Саулиус Сквернелис одлуката на ЕК ја оцени како „чудна“, додека полската државна енергетска компанија ПГНиГ најави дека размислува да го обжали договорот помеѓу ЕК и „Газпром“ пред суд.

„Газпром“ од своја страна соопшти дека е „задоволен“ од одлуката на Брисел.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...