Приштинскиот портал „Газета Експрес“, по повод денешните настани во северна Митровица, каде што во акција на специјалната полиција беа уапсени неколку косовски Срби осомничени за убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, коментира дека со ова започна реализацијата на намерата на претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, за поделба на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
„Ова што се случува во северниот дел на Косово го носи печатот на косовскиот претседател. Тој бара по секоја цена ситуацијата на северот на Косово да биде напната. Ова е неговиот одговор на одлуката на косовската Влада за воведување такси на српските производи“, пишува „Газета Експрес“.
Според порталот, индикативно е дводневното молчење на Тачи по воведувањето на таксата од 100 отсто за Србија, затоа што „молчењето не е негова карактеристика“.
„Меѓутоа, по денешната акција на специјалните единици на северот на Косово, се чини дека Тачи молчел само во јавноста. На овој начин, Тачи, кој ги држи под строга контрола Обвинителството, полицијата и Агенцијата за разузнување (АКИ), се впушти во акција. Тоа што планираше да го стори со преговорите во Брисел, со директни разговори со српскиот претседател Вучиќ, сега го прави со директна интервенција на терен“, пишува „Газета Експрес“.
Со денешната интервенција, под изговор дека се работи за расветлување на убиството на Оливер Ивановиќ, според овој медиум, „Тачи создаде идеални услови за Србите од тој регион да се забарикадираат силно, дури и со физички блокади, против косовските институции“.
„Во секој случај, сега може да се очекува работите да се влошуваат уште повеќе. За разлика од Белград, кој што е обединет во ставовите во однос на Косово, во Приштина работите стојат многу поинаку. Претседателот на Косово, кој се претпоставува да работи за интересите на земјата, со своите ставови е многу поблиску до Вучиќ, одошто до Владата на Косово“, пишува „Газета Експерс“.
ФОТО: EPA/DJORDJE SAVIC