Во услови кога во светот се воведува четиридневна работна недела и високо ниво на развој на правата на работниците непоимливо е да се предлага зголемување на работните часови на 8,5 часа, укинување на неработни денови и празници и воведување на неуставен нормиран учинок, реагираат од Синдикат на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија, откако овие барања јавно ги обелоденија текстилните фабрики здружени во Текстилниот кластер.
Работници од текстилни фабрики, пак, велат дека на овој начин газдите сакаат да го озаконат она што го практикуваат и моментално, додека, пак, од Организацијата на работавачи тврдат дека во сегашните услови овие барања на текстилните компании нема шанса да поминат бидејќи ќе ги засегнат и сектори во кои благосостојбата на работниците е во преден план.
Членките на Кластeрот за текстил најавија штрајк, ако владата не им ги исполни барањата за осум ефективни работни часови плус пауза (работен ден од 8,5 часа), укинување на неработни денови за празници за да нема дисконтинуитет во производството и воведување нормиран учинок. Тие се жалат дека е ниска продуктивноста на работниците и губат од производството со тоа што работниците сега работат само 7,5 часа, а државата им наметнува да ги плаќаат повисоко од заслуженото.
Од Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија не се многу изненадени од барањата на газдите на дел од текстилните компании. Велат дека со овие барања тие го признаваат досегашниот арогантен однос кон работниците, начинот на кој секојдневно ги третираат во своите погони и секако синдикална контрола.
– Во овие компании нема синдикат. Најголемиот дел од нив работата ја сдобиваат од втора или трета рака не од редовни деловни партнери и се плашат за својот профит, ако не ги фатат роковите на испорака. Во такви услови тие се арогантни кон раобтниците и ги кршат нивните права.Со години се жалат дека работниците не се продуктивни, ама не размислуваат за вложување во современи техники за производство, здрави и безбедни услови за работа, зголемување на платата и подобрување на работничките права. Уште помалку се подготвени да ги почитуваат законските права на работниците. Сега бараат и укинување на стекнатите права на работниците што е неразбирливо во услови кога светот размислува за пократка работна недела и четитичасовен работен ден– вели Љупчо Радовски, претседател на Синдикатот на раобтниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија.
Дополнително, вели тој, овие работодавачи забораваат дека се осамени во барањето да ги вратат работниците на ниво од 1886 година кога се штрајкуваше за осумчасовен работен ден и се бореа против експлоатација на нивниот труд.
– Работниците во текстилните компании и сега работат подолго од пропишаната работна недела од 40 часа, работат за време на празници и неработни денови. Во многу од нив, посебно во оние кои не се обврзани со колективни договори, дополнителните часови не ги евидентираат ниту пак ги плаќаат според закон. Тоа не само што не е дозволено со нашите закони, туку е далеку од она што е практика во европските земји кон што и ние целиме. Затоа и ги губиме овие работници. тие одат во странство за повисоки плати и подобри услови – констатира Радовски.
Вработени во текстилни компании велат дека газдите само сакаат да го озаконат она што го практикуваат.
– Па ние и сега работиме во празници, недели. Нѝ закачуваат ливчиња кога одиме во WC ги бројат минутите колку сме се задржале таму. Ни бројат минути за пиење вода. Велат дека ќе ни ја платат паузата, па таа треба да биде платена и сега. Колку денари ќе добиеме за таа плус пауза, ако се знае колку чини работниот час за плата од едвај 200 евра. Пред некоја година и храната ни ја вметнаа во платата, а сега и паузата сакаат да ја одвојат од работното време за иста плата, ако може и пониска од минималната – вели работничка во текстилна компанија од Скопје.
Од Организацијата на работодавачи се сомневаат дека ваков предлог ќе може да помине во сегашни услови.
– Овие барања Текстилниот кластир ги наметнува веќе 10 години. Не помина до сега, а сега кога условигте се други, нема можност да се реализираат. Дури и на нашата Комисија која се бави со вакви прашање не поминуваат ваквите предлози. Појаките сектори не го прифаѓаат тоа.Кај нив се размислува за дополнитлени погодности за работниците,а не зголемување на работното време. Тука е и Економско-социјален совет каде што се и синдикатите кои нема да прифатат ваков предлог и владата кој треба да ги усогласи законите со европските норми – вели Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи.
Димитров тврди дека дел од малите компании во текстилниот сектор ќе се соочат со дополнителен проблем за опстанок со новиот износ на минималната плата оти нема да можат да ја исплатат.
– Можеби ќе ни се случи и затворање на поголем дел од фабриките, како во некои земји во одредени периоди од развојот, но ќе треба да се најде место за работниците кои на број се околу 5.000. Тоа е број кој одговара на една поголема фабрика, а такви ги има во економските зони – додава Димитров.
Предлогот на Текстилниот кластир предизвика и реакции на невладиниот сектор и многу реакции на социјалните мрежи.