Српскиот претседател Александар Вучиќ во почетокот на септември би требало да престојува на Косово, објави Блиц. Тоа било договорено вчера на состанок на претседателот на Србија и на претставници на Србите од југ, север и централниот дел од Косово.
Според весникот, еден од најважните заклучоци од состанокот е дека секој предлог, став или одлука што ќе ја усвои Белград прво ќе им биде доставена на Србите од Косово и ќе биде сослушан нивни став.
Политичките претставници на Србите од Косово истакнале дека во дијалогот Белград – Приштина не треба да се отфрла ниту една тема на разговор, и решението да се бара земајќи ги предвид долгорочните интереси на Србија и српскиот народ, објави весникот. Договорено било такви состаноци во иднина да се одржуваат на секои две недели.