Вучиќ со писмо до Трамп бара поддршка за наоѓање решение за Косово

101
ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER

Српскиот претседател Александар Вучиќ испрати писмо до неговиот американски колега Доналд Трамп, во кое бара поддршка за наоѓањето трајно и одржливо решение за Косово, поканувајќи го да ја посети Србија.

Како што соопштија од кабинетот на Вучиќ, тој на Трамп му се заблагодарил за поддршката што САД ја даваат на европскиот пат на Србија, особено во поддршката на напорите за зачувување на мирот и стабилноста во регионот на Западен Балкан.

– Со вашето писмо од 14 декември, уште еднаш ја нагласивте подготвеноста на САД да помогне во дијалогот меѓу Белград и Приштина, со цел да се најде решение за вековниот проблем за Косово – наведува Вучиќ во писмото.

Како што се додава, никој не е повеќе заинтересиран за решение од Србија.

– Ние сме посветени на дијалогот и му приоѓаме храбро и реално, размислувајќи за иднината на сите нас во регионот на Западен Балкан. Ги исполнивме сите обврски од Бриселскиот договор. Меѓутоа, Србија не може сама да го реши овој тежок проблем – оценува Вучиќ.

Во писмото се наведува дека „без разлика на нашата волја и верба, таксите од Приштина за производи од Србија претставуваат оптоварување и несовладлива пречка за продолжување на дијалогот“.

– Тие не само што и штетат на српската економија, туку го загрозуваат животот на Србите на Косово, чии права ние мораме да ги браниме и штитиме. Нагласувам уште еднаш: истиот момент кога Приштина ќе ја укине оваа неразумниа и штетна мерка, ние сме подготвени да го продолжиме дијалогот во потрага за трајно и одржливо решение, се вели во писмото.

Вучиќ на крајот се осврнува на пријателските односи со САД, упатувајќи покана до американскиот претседател да ја посети Србија, „како прв претседател по речиси 40 години“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...