Во Србија можеби на пролет повторно ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Претседателот на Србија и лидер на Српската напредна партија, Александар Вучиќ, разговарал со своите соработници и се е поблиску до донесување на таква одлука, дознава српскиот весник „Блиц“.
Според весникот, претседателот Вучиќ зборувал за ова прашање со врвот на неговата партија.
– Вучиќ вечерта во неделата разговараше со раководството на партијата. Тој ги собрал луѓето од доверба и им рекол дека е подготвен веднаш по локалните избори во Лучани на 16 декември, да донесе одлука за распишување вонредни парламентарни избори – вели соговорникот за „Блиц“.
Изворот на „Блиц“, исто така, наведува дека Вучиќ му дал наредба на претседателот на Извршниот комитет на СНС, Дарко Глишиќ, да ја подигне инфраструктурата на партијата за оваа намена.
– Вучиќ им даде налог на сите партиски органи да бидат подготвени за избори на пролет – открива истиот извор.
Извор од партијата вели дека повеќето советници кои биле на средбата со Вучиќ ја поддржале одлуката за распишување предвремени избори.
– Треба да се одржат уште неколку други состаноци и конечната одлука ќе биде донесена до крајот на следната недела – тврди соговорникот на „Блиц“.
Ако овие намери на Вучиќ се исполнат, тоа ќе бидат четврти парламентарни избори од 2012 година, кога СНС дојде на власт.
ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER