Вучиќ: Просечната плата во Србија до 2025 ќе изнесува 900 евра

130
ФОТО: EPA / EFEROBERT HEMENT

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денес дека со имплементација на програмата за инвестиции „Србија 2025“, просечната плата на крајот на 2025 година би изнесувала 900 евра, а пензиите помеѓу 430 и 440 евра.

Вучиќ заедно со премиерката Ана Брнабиќ, на презентација на тој инвестициски проект, кажа дека до 2025 година Србија ќе одржува стабилен курс на еврото, кој ќе остане меѓу 117 и 120 динари за евро, колку што изнесува од 2012 година.

Тој план, како што оцени, е изводлив со раст на бруто домашниот производ (БДП) на Србија од четири проценти, што претставува, конзервативно толкување на проекцијата за раст и додаде дека Светската банка посочила дека е можно Србија да постигне раст на БДП и до седум проценти.

– Наша цел пред сè е луѓето во Србија да живеат подобро. Ќе работиме драматично да го намалиме процентот на млади што ја напуштаат земјата. Сето ова го правиме за да имаме иднина – рече Вучиќ.

Тој рече дека пензионерите со најавената просечна пензија од 440 евра во 2025 година ќе живеат од 70 до 80 проценти подобро од досегашната просечна пензија од 225 евра, додавајќи дека, поради тоа, јавниот долг на Србија не смее да се зголемува и дека уделот на пензиите во БДП нема да надминува 13 проценти.

Вучиќ најави дека буџетот на Србија во 2024 година ќе изнесува 14 милијарди, а буџетот за 2025 година ќе вреди 17 милијарди евра.

Говорејќи за инвестиции во спортската инфраструктура и развој на туризмот, српскиот претседател изјави дека „големи пари“ се предвидени за изградба на националниот стадион во Белград и во други градови во Србија.

Според Вучиќ, нивото на инвестиции во Србија во 2019 година изнесува 3,8 милијарди евра, што, како што рече, е „повисоко од сите шест земји на Западен Балкан заедно, плус уште некои 15 проценти“.

Претставувајќи ја Националната инвестициска програма до 2025 година, тој оцени дека нивото на директните странски инвестиции годинава е зголемено за девет проценти отколку во 2018 година.

– Србија во ноември имаше најголем раст во Европа од шест проценти, а годинава ќе завршиме со раст од четири проценти, иако беа предвидени 3,5 проценти – изјави Вучиќ во Белград.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...