Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск по вчерашната посета на Тирана и Подгорица денеска ќе претстојува во Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ посетата на Туск ја оцени како „голема чест и добра вест“ за Србија.
– Туск е сериозен човек, кој одлично ги разбира работите во Европа и во Балканот, изјави синоќа Вучиќ, додавајќи оти разговорите нема да бидат лесни за сите прашања.
Претседателот на Европскиот совет по посетата на Србија утре ќе ги посети Косово и Босна и Херцеговина.
Туск посетата на балканските земји ја завршува на 27 април во Скопје, каде ќе учествува на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин е претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, а предвидена е и средба со премиерот Зоран Заев.
Турнејата на Туск по земјите од Западен Балкан е подготовка на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржина 17 мај во Софија.
Од почетокот на 2018 година Западен Балкан го посетија претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини.