Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „опозицијата конечно треба да му каже на народот што сака, дали избори или неговата глава“, и порача да кажат дека ја сакаат неговата глава, бидејќи, како што рече, „поинаку не можат да победат и да дојдат на власт“, објави весникот Српски телеграф во денешното издание.
Вучиќ во авторскиот текст за весникот напиша дека е јасно оти лидерите на опозицијата не сакаат да одат на избори, бидејќи, како што рече, сите избори во изминатите седум години ги „загубиле убедливо”.
– И, ако тоа не се избори, која е целта? Што сакаат да направат кога упаѓаат во РТС, кога доаѓаат во Претседателството за да го опколат, кога закажуваат собири на кои ќе дојде цела Србија – напиша Вучиќ.
Тој рече дека опозицијата „ќе најде некои луѓе кои во шега“ ќе го симнат од власт без избори „исто како што се шегуваа со бесилките и тестерите“.
– Во оваа земја власта се добива на избори, а оние кои тоа го сакаат на друг начин – нека го кажат тоа убаво. Не треба да се кријат зад деца или зад сите кои се со или без причина незадоволни, ниту зад глупавите шеги – напиша Вучиќ.
Укажувајќи дека на мнозинството во Србија, на оние кои не шетаат, не напаѓаат никого и не се закануваат, им е јасно кои се и што се лидерите на СзС (Сојузот за Србија), исто како што им е јасно дека тој нема намера да им попушти или да се тргне „па и сите тројца лидери да се појават со тестери и со бесилки”.
– Јас не сум излезна стратегија за нивните глупости, ниту пак имам намера да им ја дадам. Секогаш ќе разговарам со граѓаните, но немам намера со оние кои сметаат дека насилството е патот до државната каса, привилегиите и грабежот. Никогаш – оцени Вучиќ.
Според него, за време на неговата 25-годишна политичка кариера има порази и победи на избори, но „никогаш нема направено нешто на сила”.
– Јас дури и не мислам дека сум непогрешлив или незаменлив – напиша Вучиќ.
Тој оцени дека негова вина е што не може да премолчи кога треба да ја каже вистината и им порача на лидерите на опозицијата дека за нив нема да гласаат на изборите „ниту оние кои шетаат и го опколуваат Претседателството“.
– На избори ќе добиете одговор, каков што заслужувате. Јасен и прецизен. Вистински одговор за оние кои мислат дека денес можат Србија да ја лажат на ист начин како што лажеа претходно. И тука нема да ви помогнат ниту тестери ниту бесилки – напиша Вучиќ.
Авторскиот текст на српскиот претседтел објавен е во пресрет на денешната седница на претседателството на владејачката Српска напредна партија (СНС), на која, како што е најавено, една од темите ќе бидат и предвремените избори.
ФОТО: EPA/DJORDJE SAVIC