Вучиќ: Одлуката на ЕУ за Северна Македонија е потврда за нашите блиски врски со Русија и Кина

314
ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека одбивањето на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија и покрај нивните реформските напори, е потврда на неговата политика за зајакнување на блиски врски со Кина и Русија.

– Мораме сами за себе да се грижиме, тоа е единствен начин, тоа е единствен пристап. Сѐ друго би било неодговорно – изјави Вучиќ во интервју за „Фајненшал тајмс“(ФТ), кој текстот го објави под наслов „Балканските држави сметаат на регионални врски по одбивањето на ЕУ “.

Вучиќ кажа дека сега е очигледно процесот на пристапување во Унијата, да не зависи сѐ од земјите што се стремат кон тоа, иако секогаш токму така им се зборува.

– Тие секогаш велеа: од вас зависи, од брзината на вашите реформи… Сега се правични. Сега барем велат, не зависи од вас – рече Вучиќ.

Белград, како што наведува ФТ, е подготвен в петок да го потпише договорот за слободна трговија со Евроазиската унија и истовремено се залага за понатамошна регионална интеграција.

Британскиот весник забележува дека ваквите коментари можат да ги зајакнат стравувањата дека ЕУ го губи влијанието на Балканот, бидејќи лидерите на Унијата не се согласија да ги започнат разговорите со Скопје и Тирана на самитот минатата недела.

Вучиќ исто така рече дека Балканот треба повеќе да стори за зајакнување на регионалната соработка.

– Не можеме да зависиме од следната одлука на Европскиот совет или од тоа дали холандската влада ќе одлучи на овој или оној начин, или дали данската влада ќе направи нешто поразлично од тоа што ние го очекуваме – рече Вучиќ.

ФТ потсетува дека минатата недела Вучиќ заедно со премиерите на Северна Македонија и Албанија, потпишаа декларација за формирање договор за соработка според Шенгенскиот модел кој предвидува слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги меѓу трите земји.

Со Декларацијата се повикуваат и другите земји во регионот да се приклучат со цел на создавање заеднички пазар од 18 милиони луѓе.

Вучиќ рече дека посветеноста на договорот е зајакната со преговорите за проширување на европскиот блок.

Претходно, како што кажа, соседите на Србија не беа заинтересирани бидејќи очекуваа многу повеќе од ЕУ.

– Сега, тие гледаат дека ние прво мораме да се свртиме едни кон други, се разбира, останувајќи на патот кон ЕУ, но неочекувајќи милост од никого.

Вучиќ додаде дека е подготвен да ги усклади стапките на данок на додадена вредност и стимулациите за инвестиции со Албанија и Северна Македонија, за кои рече дека ќе создадат пазар од 12 милиони луѓе меѓу трите земји.

ФТ потсетува дека Србија ги отвори претпристапните преговори со ЕУ во 2014 година и заклучува дека блокот ја смета за помалку подготвена за членство од Северна Македонија.

Дипломат на ЕУ во Белград за британскиот весник изјави дека Србија „едноставно географски“ е дел од ЕУ.

Политиката на Вучиќ за регионална соработка и балансирање со големите сили потсетува на географските пресметки направени од некогашна Југославија, која беше основач на Движењето на неврзаните, иако таа земја беше многу поголема отколку што е сега Србија.

Сепак, регионалната недоверба и билатералните проблеми се акумулираа за време на војните по распадот на Југославија и ќе претставуваат предизвик за подлабока соработка, оценува Фајненшал тајмс.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...