Вучиќ: Кина има цврст став по прашањето за Косово

162
ФОТО: EPA/DJORDJE SAVIC

Српскиот претседател Александар Вучиќ обраќајќи се пред новинарите во Пекинг по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во рамки на форумот „Појас и пат“, изјави дека „Кина има цврст и недвосмислен став по прашањето за Косово“.

Како што објави РТС, Вучиќ изјави дека „Пекинг го разбира и почитува тоа што Србија независно донесува одлуки и што е држава, во вистинска смисла на зборот.“

Тој потсети и на поддршката кој ја дава Кина на Србија во Интерпол и УНЕСКО, додавајќи дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина. Воедно тој додаде дека на кинескиот претседател му пренел дека може да смета на „поддршката на Србија по прашањето на Тајван и Тибет, како и во други области во кои постојат поинакви движења.“

На средбата меѓу двајцата претседатели во фокус биле разговорите за економската соработка и косовското прашање.

Српскиот претседател Александар Вучиќ при пристигнувањето во Пекинг на форумот „Појас и Пат“ во рамки на иницијативата „Еден појас, еден пат“ истакна дека косовското прашање ќе биде една од главните теми во разговорите со кинескиот претседател, но и со рускиот претседател Владимир Путин, за поддршка во пресрет на неформалната средба во Берлин на 29 април, со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...