Српскиот претседател Александар Вучиќ, говорејќи за косовското прашање на ТВ Пинк, изјави дека Србија не се бори само против Албанците, туку и против повеќе западни земји кои стојат зад косовската независност, вклучувајќи ја и Велика Британија.
– На Косово се бориме, не против, или само против Албанците или нивните интереси, ние имаме противници и во многу западни земји. Гледајте што прават Британците преку своите агентурни испостави и што правеа пред два дена во Србија, на Косово, во Црна Гора, на северот од Македонија и на други места – изјави Вучиќ.
Тој додаде дека Србија се бори во речиси невозможни услови за да извлече најмногу што може за својот народ.
– Сѐ што ќе добиеме ќе биде нешто, бидејќи немаме ништо – рече Вучиќ.
Објаснувајќи ја генезата на косовскиот проблем тој посочи дека постои голема нервоза на Западот и во Приштина, но и во Белград, каде некои очекуваа потполен колапс на политиката кон Косово.
– Мислите дека не знамеме кој се се состанува на северно Косово, дека нашите служби ништо не работат? Се активираат оние на кои имаме заборавено, политичари од пред 20 години и соработуваат со странските служби. Сакаат да не се дојде до решение за Косово – потенцира Вучиќ на госувањето на ТВ Пинк.
Тој додаде дека „нема да го прифати она што беше во Македонија и дека на народот ќе му биде преставен план за Косово, онаков каков што е и народот ќе го даде својот одговор.“
Говорејќи за НАТО, Вучиќ изјави дека некои повеќе го сакаат присуството на НАТО отколку на српската војска.
– Нема Србија да ја влечат за уши, ниту САД, ниту ЕУ, ниту, пак, било кој што потпаѓа под нивен интерес – посочи Вучиќ.
Тој додаде дека Америка првпат покажала желба за решавање на Косовскиот проблем.
– Не мислам дека е лесно, но сакаат да се постигне мир за разлика од некои други за кои не верувам дека го сакаат тоа. Без светот ние проблемот околу Косово нема да го решиме – оцени српскиот претседател.