Политиката преовладува во јавниот простор, го узурпира дури и просторот наменет за културно дејствување и уметност, поради тоа уметниците прават исчекор и во последно време го користат политичкиот простор за уметнички да се изразат, рече уметникот од Словенија, Јанез Јанша, кој учествуваше на вчерашата трибина „АКТО Агора“ на последниот ден од тридневниот фестивал за современи уметности во Битола.
На „АКТО Агора“ посетителите на фестивалот можеа да слушнат различни гледишта и ставови за улогата на уметникот денес, за влијанието на политичките превирања врз културата и позицијата на државата. На трибината учествуваа и креатори на општествените политики, градоначалникот на Битола, Наташа Петровска, и националниот координатор за развој на културата, Роберт Алаѓозовски.
Според дел од уметниците повеќе не треба да се поставува прашањето дали е добро политиката да се меша во уметноста, туку како политиката треба да го прави тоа, бидејќи како што рече Јанез Јанша, невозможно е уметноста да се создава надвор од политичкиот и општествен контекст.
-Во Македонија сме сведоци на узурпација на културното поле со јасни политички цели, како што е случајот со „Скопје 2014“. Грешка се прави и кога културата се мери со економски мерила, како број на посетители на еден фестивал. Културата треба да биде отворена и да значи поврзување на народите, нивна комуникација, додека државите тежнеат да направат од неа туристичка атракција – рече Јанша.
Панелистите упатија критика кон десничарските власти. Како во случајот со власта на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, која си зеде за право да одлучува за плоштадите, јавните простори, архитектурата и скулптурата, така и во Србија владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ, го узурпира просторот кој им припаѓа на уметниците.
Таков е случајот со уметникот Владан Јеремиќ, кој минатата година беше уапсен за време на отворањето на Музејот за современи уметности во Белград. Јеремиќ и уште неколку уметници одржаа уметничка интервенција во простор наречена „Салон на непоткупливите“, за да укажат на клиентелизмот во културата и на тоа дека десничарската власт ги узурпира културните институции за нејзино промовирање. Во текот на вечерта Јеремиќ и уште еден уметник беа приведени во полициска станица, поради маска со ликот на Вучиќ.
-Самите мерки на безбедност при отворање на Музејот беа ригидни и не им беше местото таму. Приведен бев и испитан во полициска станица без да ми објаснат зошто. Тоа не е единствен таков случај. Наши колеги кои отворија културен центар во напуштена касарна беа брутално избркани од воената полиција. Сакам да кажам дека не е можно да развиваме отворени и слободни уметнички простори кога постои ужасно моќна хегемонистичка политика структура на власт – порача Јеремиќ.
Градоначалникот на Битола, Наташа Петровска, ја обвини претходната власт за политичка вулгаризација. Според неа политиката претходно ја користеше културата и културните работници како механизам за купување на гласови. Петровска откри дека се соочила со такви препреки при стапувањето на функција.
-На почетокот од мојот мандат, кога се креираше програмата за Битолско културно лето, се соочив со машина која не даваше слобода на најстручната фела и оние кои се најповикани да дадат насоки и сугестии. Донесов одлука да го промениме она што претходно се случувало и седнав на маса заедно со луѓето од уметноста за да направиме нешто поинаку – рече таа.
Збор зеде и пратеничката на ЛДП, Никица Корубин, според која уништувањето на Плаушник и антиквизацијата на Скопје го покажаа највисокиот примитивизам кај дел од општеството. Како што посочи таа, оваа злоупотреба на власта покажа индиферентен однос кај граѓаните, незаинтересирани што се уништува нивното културно наследство.
-Покажавме дека не се идентификуваме со јавниот простор, со културното наследство и со јавните добра. Полни ни се устите со бранење на идентитетот, но кој идентитет го браниме? Се покажа културната и цивилизациска неписменост на граѓаните, а тие продуцираат таква власт и такво општество. И во такво општество ние треба да градиме култура. Затоа улогата на уметникот треба да биде просветителска и едукативна, а државата да изгради инфраструктура за развој на културата и да биде финансиски сервис – порача таа.
Според професорката Катица Ќулавкова власта во Македонија треба да го смени стратешкиот пристап кон културата. Културните политики, рече таа, треба да се редифинираат, на тој начин што нема да зависат од власта и од партиите. Според неа, за разлика од периферните земји како Македонија каде се уште на сцена е мултикултурализмот, Европа свесно влегува во пост мултикултурална ера.
-Мултикултурализмот како филозофија се напушта, ревидира, и се нуди стратегија на интеркултурализам. Мултукултурализмот, кој доминираше на крајот на 20-тиот век, се стреми да се радикализира и го свртува вниманието кон етно културните центри, кон отсуството на дијалог, кон изолација, културофобија и ксенофобија. Во овој нов контекст акцент се става не на разликите, туку на она што е заедничко, како хуманизмот, емпатијата, родовите и други човекови права, како и естетскиот квалитет кој не познава граници – вели Ќулавкова.
Наспроти тврдењето за обврската на државата да гради културни политики панелистот Ристо Солунчев понуди спротивно гледиште. Според него културата нема за цел да создава кохезивно општество, туку да создава индивидуи. Учеството на државата, вели Солунчев, го укинува формирањето на индивидуалитетот, со тоа слободата на творење, а со тоа и создавањето на култура. Според него Министерството за образовани и Министерството за култура треба да се укинат и овие области да не зависат од тоа која партија е на власт.
Билјана Танџурова Ќулавковски, во таа насока, пак, рече, дека државата е должна да им овозможи автономност на институциите со цел да можат да функционираат во самоорганизирани целини.
„АКТО Агора“ беше централниот настан на последниот трет ден од фестивалот. Денот беше заокружен со музичката програма. Ввечерта пред Офицерскиот дом настапија неколку бендови: Fosfen и Sweet Rapscallions од Битола, PMG Колектив, Новиот почеток и Sethstat од Скопје, како и Ki од Куманово.