Второ место за македонскиот тим на Eвропскиот квиз на парите

На европско ниво, на Квизот учествуваа над 100.000 ученици на возраст од тринаесет до петнаесет години, од кои околу шеесет беа национални победници, така што како претставници на своите земји се пласираа на финалето во Брисел. 

97

Во конкуренција на финалисти од дваесет и осум европски земји, претставниците на Северна Македонија, младите велешани Викторија Панова и Марко Инѓилизов, го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите што се одржа вчера во Брисел, Белгија. 

Првото место го освоија претставниците на Словенија, додека третопласиран е тимот на Германија.

Двајцата ученици на гимназија „Кочо Рацин” од Велес, Панова и Инѓилизов, на европското финале учествуваа како претставници на земјава, откако во март годинава остварија најдобри резултати на националниот натпревар, кој го организираше Македонската банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка, Комисијата за хартии од вредност (КХВ) и Министерството за образование и наука (МОН) на кој учествуваа 300 нивни врсници.

На европско ниво, на Квизот учествуваа над 100.000 ученици на возраст од тринаесет до петнаесет години, од кои околу шеесет беа национални победници, така што како претставници на своите земји се пласираа на финалето во Брисел. 

 Покрај претставниците на нашава земја, која е дебитант на ова натпреварување, на финалето на Европскиот квиз на парите годинава настапија и тимови на Австрија, Азербејџан, Албанија, Белгија, Германија, Грција, Естонија, Ирска, Италија, Исланд, Летонија, Литванија, Лихтенштајн, Луксембург, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Србија, Унгарија, Финска, Холандија, Хрватска, Чешка, Шведска и на Шпанија. Во Брисел се одржаа две натпреварувачки сесии, со прашања на различни теми поврзани со финансиите, како што се штедењето, долговите, каматните стапки и управувањето со ризик.  

Тимот на Северна Македонија, како еден од победниците на Квизот, покрај одликувањето за освоено второ место на европско ниво, од ЕБФ доби и парична награда од 2.000 евра, наменета за велешката гимназија „Кочо Рацин“. Овие средства, училиштето ќе треба да ги искористи за проекти од областа на финансиската едукација по сопствен избор.

Националното натпреварување во рамки на Европскиот квиз на парите е еден од најмасовните, а можеби и најмасовен, настан од натпреварувачко-едукативен карактер наменет за ученици, организиран во земјава изминативе неколку години. Постигнатиот успех на меѓународно ниво ќе биде дополнителен мотив за уште поголемо вложување во организацијата на ова натпреварување кај нас и во текот на следните години и за испраќање наши претставници на европското финале.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...