Години и години наназад секоја економска студија, секоја експертска анализа, секој говор, секоја стратегија почнува и завршува со идејата дека сме насочени кон интеграција кон Европската Унија – и кога велам ние не мислам само на Македонија, туку на целиот регион на „фамозниот“ Западен Балкан.
Ама има една клучна разлика – Европската Унија означува синергија, економска соработка, комплементарност, а случувањата на овие простори веќе имаат креирано и посебен термин кој веќе се има вдомено во стручната терминологија – „балканизација“ се употребува да се означи процес на атомизација на помали единици, кои често се и непријателски настроени помеѓу себе. Последен директен пример за овој „феномен“ беше и потегот на Косово со Одлуката за зголемување на царинските стапки на поголем круг на земјоделски производи. И покрај краткорочните ефекти што можеби можат да се остварат преку заштитата на домашното производство, ваквите мерки се надвор од видикот на големата слика која е базирана на премисата дека од слободната трговија и регионалната интеграција на долг рок добиваат сите земји.
Многу години наназад активно зборуваме и работиме на прашањето за економската интеграција на регионот. Тоа помеѓу другото, значи дека ЕУ очекува од нас прво да почнеме забрзано да соработуваме помеѓу себе, пред да можеме да очекуваме било какво забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ. Впрочем, и самата поента на ЦЕФТА Договорот е да послужи како предворје на ЕУ, како своевидно „тест-возење“ за заедничкиот пазар. Сепак, податоците покажуваат различна перспектива – уделот на размената со ЦЕФТА земјите во вкупната надворешно-трговска размена на Македонија континуирано опаѓа – до 19,5% во 2000 година, на 11% во 2016 година, а падот е уште поголем ако се гледа во апсолутни бројки, имајќи предвид дека вкупната надворешно трговска размена на Македонија пораснала за повеќе од три пати во анализираниот период.
И пак, со ваквите еднострани протекционистички мерки (косовската одлука е само последната во низата на вакви „уникатни“ примери) покажуваме дека концептот на балканизација се уште е жив, раздвижен, и се уште задава удари на идејата за напредок. Во целиот процес на итање кон евроинтегративните процеси, како да ни промакна сфаќањето дека ЕУ не е цел сама за себе, туку систем на вредности, принципи, стандарди, кои треба на дело да покажеме дека ги остваруваме и ги прифаќаме за свои. Треба да се има предвид дека пред сé ЕУ е економски клуб – ако потфрламе во предворјето со ваквите економски игри, тешко можеме да очекуваме дека ќе не примат во клубот.
п.с. ЦЕФТА е трговски договор кој воспоставува слободна трговска зона, првично склучен во декември 1992 година помеѓу земјите од Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија), кон кој понатаму се приклучиле Словенија, Романија, Бугарија и Хрватска – сите денес држави-членки на ЕУ, а кој во моментот уредува слободна трговска зона помеѓу земјите од Југоисточна Европа – Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Србија и Косово.