„Врба“ на фестивалска турнеја во Европа и САД

99

Најгледаниот филм во Македонија, „Врба“ на Милчо Манчевски, ја продолжува фестивалската турнеја со прикажување на уште четири познати европски и светски фестивали, ФЕСТ во Белград, Синеквест во САД, Фантаспорто во Португалија и Софија.

По светската премиера на „Врба“ на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година и по македонската премиера и киноприкажување од два и пол месеци, со кое ги сруши сите рекорди на гледаност, филмот беше дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј и Талин.

На престојниот 48. Меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белград (од 28 февруари до 8 март), „Врба“ е во главната натпреварувачка програма, со првата проекција на 2 март, и уште две, на 3 и 4 март. Во историјата на ФЕСТ впишани се големи актерски и режисерки имиња, кои биле гости, како Марчело Мастројани, Харви Кајтел, Бернандо Бертолучи, Софија Лорен, Роберт Де Ниро, Милош Форман, Вим Вендерс, Џони Деп… Досега ФЕСТ имал преку 4 милиони гледачи и речиси 4.000 значајни филмски наслови, како од домашната и регионална продукција, така и од светската.

Од ФЕСТ, „Врба“ патува на 40. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто, во Порто Португалија, (од 28 февруари до 8 март), еден од 20-те водечки во светот, каде филмот ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“.

Во март, „Врба“ ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на Синеквест, еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД (од 3 до 15 март) во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија,

Исто така во март, „Врба“ ќе биде прикажан и на 24. Интернационален филмски фестивал во Софија, еден од најголемите во регионот (од 12 до 22 март).

Шестиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски, „Врба“ ја надмина бројката од 30.000 гледачи, што е рекорд во Македонија во последнава деценија: ова е најгледан филм во државата за 2019 надминувајќи ги и холивудските блокбастери и најгледан македонски филм. Минатиот месец кино-мултиплексот Синеплекс објави дека „Врба“ е најгледаниот филм во историјата на компанијата воопшто. Дистрибутерот на филмот го прикажа во над 20 градови во државава.

Поради големиот интерес, „Врба“ повторно се враќа во Синеплекс, а игра и во Кинотека. Филмот ќе игра во два термина дневно (18 и 20 часот) и тоа во: петок 24., сабота 25., вторник 28., среда 29., четврток 30 јануари (само во 17 часот) и сабота 1 февруари. Филмот ќе продолжи да се прикажува и низ Македонија.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...