Во Даут-пашиниот амам во четврток во 18 часот, свечено ќе биде врачена наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Годинашен лауреат е романот „Одбројување“ на Фросина Пармокавска, издание на „Или-или“.
Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 19-ти пат. Неа од 1999 година, па сѐ до неговото згаснување минатата година, ја доделуваше „Утрински весник“.
По неговото гаснење наградата ја презеде Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ што ја формираа основачите на „Утрински весник“, токму со идеја традицијата на доделување на оваа награда да се продолжи и по можност дури и да се унапреди. Ова е првата награда што ја доделува Фондацијата.
Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и статуетка. Наградата е поддржана од Министерството за култура како проект од национален интерес, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД.