На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата со врачување на „Златниот венец“ на годинашниот лауреат, полескиот поет Адам Загајевски и доделување на наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ вечерва завршува 57. издание на Струшките вечери на поезијата.
Загајевски е 53-ти добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2018 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшки вечери на поезијата ќе му биде врачена на Зоран Анчевски за стихозбирката „Небеска пантомима“. Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант ќе и биде врачено на поетот Пауло Тапио
Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг ќе настапат и поети од разни страни на светот, а Струга деновиве по 57-ми пат е претстолнина на поезијата. Педесет и седмиот поетски фестивал свечено беше отворен во средата со традиционално читање на Константиновата „Т`га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга. Деновиве во поетска Струга гостуваат 30 поети од 29 земји во светот и околу 50 поети од Македонија.