Вратничани ја бранат Вратничка река, не дозволуваат да се градат хидроелектрани

Жителите, како што нагласуваат, ја разбираат потребата на државата од производство на електрична енергија од обновливи извори, но мора, оценуваат, да се стават на вага придобивките и штетите од овој проект.

230

Месната заедница од тетовското село Вратница испрати отворено писмо до вицепремиерот Кочо Анѓушев и до повеќе министерства во кое јасно наведува дека е против изградбата на предвидените пет мали хидроцентрали.

Со овој проект, сметаат жителите на Вратница, ќе се уништат Вратничка река и нејзината околина. Штетите ќе бидат поголеми од придобивките.

„Како може да се дозволи заради бизнис интересите на една дланка моќници исклучиво заради нивен личен профит, да се стави во прашање опстанокот и голата егзистенција на ова население кое живее околу реката? Со сила ни се наметнува проектот за уништување на Вратничка река, единствените недопрени шумски површини околу реката и сиот животински и растителен свет што е директно зависен од реката. Проектот за изградба на дури пет мали електрични централи со вкупна моќност од само пет мегавати електрична енергија, за сметка на ставање во цевки на целата вода од реката од самите нејзини извори, па се до вливот во Вардар, повторно по неколкугодишно затишје се актуелизира. Дали Вратничани, Орашани,Староселци и сите останати, треба да бидат агресивни и дрски, па надлежните челници конечно да сфатат дека нивниот збор и нивната желба да ја зачуваат оваа природна убавина, конечно некој да ја сфати сериозно и да ја почитува“, се наведува во јавниот повик на мештаните од Вратница.

Жителите, како што нагласуваат, ја разбираат потребата на државата од производство на електрична енергија од обновливи извори, но мора, оценуваат, да се стават на вага придобивките и штетите од овој проект.

-Длабоко сме убедени, а тоа може во секое време да го докажеме и со аргументи, дека штетата ќе биде далеку поголема од придобивката и дека ќе биде направен геноцид на природните убавини во поширокиот вратнички, орашки и староселски регион на подолг период и ќе биде ставен под знак прашалник опстанокот на овие населени места, стои во јавниот повик.

Жителите на Вратнива потенцираат дека пред седум години, во голем пожар беше уништен целиот шумски фонд на селото во планинскиот појас. Потребна е интервенција на државата зашто шумата и натаму страда од криминални групи и дива сеча.

„Беа уништени стотици хектари вековни шуми на кои ќе им требаат стотина години за повторно да заживеат. Месноста Габар веќе со години се уништува од страна на концесионерите на рудниците за ископ на калциум карбонат, со што во целост се менува самата географија на целиот крај. Шумскиот појас под селото, се до Вардар, кој е во приватна сопственост на Вратичани, веќе со децении безмилосно се сече и уништува од страна на дрвокрадци, без никој при тоа да не преземе никакви активности за спречување на оваа појава. Уништени се стотици хектари густа дабова шума и никој за тоа не презема никаква одговорност и ако се работи за приватни имоти за кои Вратничани совесно ги плаќаат сите даноци. Од целото природно богатство со кое располагаше Вратница, недопрена останува само реката и шумскиот појас околу неа и тоа само поради фактот што тој предел е практично недостапен. Со изградбата на малите централи и со отворањето на пристапните патишта, практично ќе се отвори простор за уништување и на ова наше недопрено богатство. Да не го споменуваме законот за води во кој во целост се поставени приоритетите за користење на водните ресурс“, велат во писмото мештаните на Вратница.

Тие бараат претставниците на институциите да најдат време да ги слушнат проблемите.

„И покрај тоа што со закон е предвидена јавна расправа за вакви проекти во која ќе биде вклучено и локалното население, некој очигледно свено бега од ова, бидејќи е свесен дека аргументите се на нивна страна“, се вели во писмото.

Дописот е доставен и до општина Јегуновце во чии рамки е селото Вратница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...