Вработени од „Еурокомпозит“ бараат исплата на плати и на отпремнини

Работниците не отстапуваат од барањата за исплата на отпремнините и на заостанатите плати и придонеси.

136
Работниците прогласени за технолошки вишок во „Еврокомпозит“ денеска протестираа во Прилеп барајќи од Владата, како што рекоа, чин на добра волја за исплата на отпремнините додека се решава ситуацијата со компанијата.

– Премиерот Зоран Заев рече дека го помага и ќе го помага „Еурокомпозит“ додека не излезе од кризата. Имало два стратешки партнери, требало да се реши за еден месец. Ако не, Владата ќе одвои три милиони евра за проблемите на „Еурокомпозит“. Го замолувам премиерот за знак на добра волја, во текот на наредната недела да се одвојат барем 150.000 до 200.000 евра за да ни се плати отпремнината и да видиме дека навистина работите почнуваат да се решаваат – изјави Пеце Велјаноски од Иницијативниот одбор.

Работниците не отстапуваат од барањата за исплата на отпремнините и на заостанатите плати и придонеси.

– За поздравување е најавата на премиерот да се реши ситуацијата. Но, што со фирмата која треба да ги исплаќа и отпремнините и платите кога во моментов нема струја поради напластените долгови. Од каде ќе ни се исплаќаат побарувањата, ако „Еурокомпозит“ не работи. Не се откажуваме од барањата – вели Цветан Бунтески.

Работниците денеска имаа средба со прилепската пратенчка Кети Смилеска, која најави наскоро решавање на проблемот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...