Неколку стотина луѓе, првенствено млади двојки денеска протестираа пред зградата на словенечкиот Парламент против предлог законот со кој родителите се „присилуваат“ да ги вакцинираат своите деца против заразни болести.
Според предлог законот, на невакцинираните деца, без медицински причини за таквата одлука ќе може да им се забрани прием во градинките, а подоцна може да им биде ограничен и уписот во средните училишта и факултетите.
За упис во образовните институции кандидатите мора да поседуваат потврда дека се вакцинирани против пет од девет заразни болести, кои се во програмата за обврзна вакцинација – сипаници, заушки, рубеола, магарешка кашлица и хепатитис Б.
Измените на законот за заразни болести се поднесени од пратениците на две партии од владејачката коалиција, а Парламентот во текот на месецот треба да го усвои предлог законот.