Последиците од масовното исселување и се помалиот број новородени се видливи во Хрватска пред почетокот на училишната година, бидејќи шест основни училишта се затвораат затоа што нема ученици, а во 117 училишта нема ниту еден ученик запишан во прво одделение, објави порталот Индекс.
Според привремените податоци, кои порталот ги добил од Министерството за наука и образование, во училишната година 2018/2019 настава нема да се одржува во шест подрачни училишта во кои нема ученици, а две се затвораат бидејќи се селат во новоизградени објекти.
Порталот Индекс оценува дека е алармантен податокот шо оваа училишна година во 117 училишта не е запишан ниту еден нов ученик.
Доколку се пресметува процентот на училишта во кои нема ученик во прво одделение, тогаш тоа е 9,5 отсто, навеле од хрватското Министерство, со напомена дека некои училишта во кои нема ученици од прво одделение ќе продолжат со работа, бидејќи таму има ученици во второ, трето и четврто одделение.