Суд во Париз денеска одобри прикажување на филмот на францускиот режисер Франсоа Озон, „Благодарение на Бога“ во француските кино сали, јави дописникот на МИА.
Филмот на Озон, кој во саботата освои Сребрена мечка на Филмскиот фестивал во Берлин, говори за скандалот со педофилија во Лионската надбискупија на Католичката црква.
„Благодарение на Бога“ раскажува како поранешни жртви на сексуална злоупотреба од страна свештеникот-педофил Бернар Прејна одлучиле во 2015 година да формираат здружение во Лион со цел на јавноста да и ја изнесат својата приказна, во услови на неактивноста на Црквата. Здружението тврди дека имало околу 85 жртви на овој свештеник.
Сепак, адвокатите на отецот Прејна, кој во февруари 2016 година бепе обвиент за сексуален напад врз малолетници, бараше од Судот привремена забрана за прикажување на филмот, односно негово одлагање, повикувајќи се на презумцијата на невиност,на Прејна, кој сé уште не е осуден за обвинението.
Премиерата на филмот во Франција е предвидена за в среда.