Во Стразбур уапсени четириесетина курдски активисти

62

Околу 40 курдски активисти кои бараат ослободување на нивниот историски лидер Абдула Оџалан, затворен во Турција, беа уапсени во Стразбур, откако предизвикаа штета при обди да влезат во една од зградите на  Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Инцидентот се случи вчера кога група од околу 40 демонстранти, повеќето од нив маскирани, влегоа во предворјето на Агора, една од зградите на Советот на Европа, која се наоѓа наспроти Европскиот суд за човекови права. Во Агора е седиштето на Европскиот комитет за спречување на тортура (КПТ), еден од органите на Советот на Европа кој редовно се огласува за затворските услови во кои се наоѓа Оџалан, затворен во речиси целосна изолација од пред 20 години на островот затвор Имали.

Активистите фрлаа петарди врз прозорците на зградата и потоа  се нафрлија на зградата Агора со камења и чекани, а беше запалена и една надворешна корпа за ѓубре, но демонстрантите не влегоа во зградата, ова според наши информации од Советот, кој вели дека ова е трет по ред сличен инцидент од летото 2018 година.

На барање на Советот на Европа, полицијата интервенираше со 40 свои припадници кои биле нападнати со камења. Вкупно 43 лица беа уапсени.

Илјадници Курди традиционално демонстрираат секој февруари во Стразбур и бараат ослободување на Оџалан, лидерот на Курдистанска работничка партија (ПКК), кој е  уапсен на 15 февруари 1999 година.  Прооџалан активистите, исто така, постојано кампуваат веќе неколку години во близина на Советот на Европа, во паркот Оранжери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...