Во среда старт на преговорите меѓу синдикатот на „Саса“ и менаџментот на рудникот

120

Синдикатот на вработените во рудникот „Саса“ членка на МЕСО – Мултиетничкиот синдикат за образование на РМ во среда ќе ги започне преговорите со менаџментот на рудникот за решавање на економско-социјалните барања на работниците, кои беа причина за штрајкот во март годинава.

Како што информира претседателот на МЕСО и на Синдикалната организација на „Саса“ Драге Јованоски, рудникот „Саса“ во Македонска Каменица“ влезе во штрајк на 14 март и штрајкуваше два дена, при што беа наведени основните барања – зголемување на платата, подобрување на условите за работа во рудникот и регулирање на пензискиот стаж кој не бил регулиран подолго време наназад неколку години.

Тој посочи дека откако се утврдило дека преку 400 вработени се членови на МЕСО, додека во другиот синдикат се околу сто членови кои не штрајкуваат, бил надминат игнорантскиот однос на работодавачот кон овој синдикат, а нивните барања сфатени сериозно.

Во разговорите за надминување на ситуацијата биле вклучени претставници на Владата за воопшто да отпочнат да преговараат за поставените барања. Услов бил да се повлечат поднесените судски постапки против Синдикатот од страна на работодавачот, додека од нивна страна штрајкот да биде ставен во мирување.

– Одредени работи ги кристализиравме и за ден среда, 11 април во 15 часот стартуваат преговорите со менаџерскиот тим во „Саса“.Тие ќе се водат во седиштето на самиот рудник во Македонска Каменица. Се надеваме дека она што е поставено како штрајкувачко барање ќе го исполнат – рече Јованоски наведувајќи дека е утврден составот на преговарачкиот тим од синдикатот.

На прашањето што доколку не се исполнат барањата, тој рече, дека штрајкот кој е ставен во мирување повторно ќе биде активиран и ќе се отпочне со класично штрајкување. Но вели, нивна и задача на менаџментот е да се постигне договор, со оглед дека од досегашните разговори сметаат дека има желба за исполнување на барањата од страна на раководството на „Саса“.

Појасни дека во однос на барањето за стажот, преговарачкиот процес може да трае подолго, додека за прашањето за покачување на платата е директно и очекуваат брзо да го решат, можеби, вели, и во помала мера од очекувањата но, сепак, задоволително за сите рудари. Јованоски, засега не открива колкав процент на покачување на платите бараат.

Според Јованоски, платата на копачите во рудниците се движи меѓу 40.000 и 60.000 денари, а во европски рамки за истата работа платата е 4.000 до 5.000 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...