Во Србија нов изборен закон и за партиите на македонското малцинство

256

Усвоените измени и дополнувања на Законот за избор на пратеници во Србија донесеоа ново правило за партиите на националните малцинства и нова улога на Националните совети на националните малцинства во Србија (НС), меѓу кои е и македонското национално малцинство.

Како што јави допсникот на МИА од Белград, со новиот закон, на претстојните пролетни избори во Србија, Републичката изборна комисија (РИК) ќе одлучува дали изборните листи или коалиции на малцинските партии ќе имаат статус на малцински партии во Србија, а за тоа може да побара мислење од надлежниот Национален совет дали подносителот на изборната листа е партија на националното малцинство.

Со измените на Законот е предвидено партиите на националните малцинства да не треба да остварат цензус од три проценти за да им бидат доделени пратенички мандати, при што при распределбата на мандатите со користење на најголемиот систем на количници, квотите на избирачките списоци на малцинските партии се зголемуваат за 35 проценти.

Иако во образложението на новиот закон се вели дека целта е да се спречи злоупотребата, бидејќи за малцинските партии нема да се применува изборниот цензус, некои од нив гледаат политичка игра.

До дописникот на МИА со рекција за новиот изборен закон се јави Странката на македонците во Србија (СМС), една од најактивните од трите регистрирани македонски партии, со став дека не се согласни со ваквите измени во изборниот закон, кој е донесен без јавна расправа и во скратена постапка и кој може да има многу штетни последици.

„По повод измените во изборниот закон, кои директно влијаат на учеството на партиите на националните малцинства на изборите, Странката на Македонците на Србија (СМС), заради сите превирања на политичката сцена во Србија, сè уште нема донесено одлука за нејзино учество или неучество на претстојните избори, а одлуката не е донесена и заради новите измени во изборниот закон“, се наведува во соопштенеито на СМС.

Партијата смета изборниот закон не треба да се менува во изборната година, а уште помалку пред изборите.

– Ние сме регистрирани како партија на националното малцинство и како таква веќе учествувавме на локалните избори со своја листа (одобрена од изборната комисија како листа на партија на националното малцинство). Апсурдно е во иднина РИК да може да побара мислење од НС на македонското малцинство за автентичноста на статусот на нашата малцинска листа. Поради дисфункционалноста и многуте неправилности во работата на НС на македонското малцинство, неговиот нелегитимен избор, Странката на Македонците во Србија не го признава НС на МНЗ и бара целосна државна ревизија на неговото финансиско работење. Затоа е нонсенс таквиот НС, кој со закон е деполитизиран, сега да носи мислење дали сме партија на македонското малцинство и на тој начин да остварува политичко влијание врз изборниот процес – изјави за МИА претседателот на СМС, Горан Илијевски.

Со ваквата измена на законот, постои можност да ни се негира решението за регистрација на партијата (донесено од Минстерството за државната управа како државен орган), каде СМС е регистрирана како партија на националното малцинство, со статут и програма која не е изменета, вели Илијевски, заклучувајќи дека е „апсурдно на претходните избори да се малцинска партија, а на следните избори да не се!“.

Во полемиката во Србија околу новата улога на НС во изборниот закон, со сличен став се јавија и од други малцински заедници, меѓу кои и од Демократскиот сојуз на Унгарците во Војводина.

– Ние, заради разни нерегуларности при изборот на Унгарскиот национален совет, ги бојкотиравме тие избори, а сега може да се случи, бидејќи (партијата) Сојуз на Унгарците од Војводина (СВМ) освои мнозинство во Унгарскиот национален совет, да не ни ја издадат таа потврда и да не можеме како малцинска партија да учествуваме на локалните, покраинските и републичките избори – изјави Арон Чонка, од Демократскиот сојуз на Унгарците во Војводина.

Реагираше и Муарем Зукорлиќ од Странката на правдата и помирување од бошњачката заедница.

– Значи, две партии, првенствено Сулејман Угљaнин, кој го контролира Бошњачкиот национален совет, од една страна, и јас од Партијата за правда и помирување од друга страна, треба да се појавам на тој шалтер и да побарам дозвола од Сулејман Угљанин да ми дозволи да излезам на избори под одредени услови. Ве молам, замислете си малку како би изгледала таа трагикомедија – изјави Зукорлиќ.

Парламентарните и локални избори во Србија, како што најави претседателот Александар Вучиќ, треба да се одржат на 26 април.

На парламентарните избори во 2012 година, Миле Спирковски од Демократската партија на Македонците (ДПМ), во коалиција со Српската напредна странка (СНС), успеа да стане првиот македонец-пратеник во српското собрание. Оттогаш македонската заедница во Србија немала свој политички преставник во Собранието.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...