Во Музејот на современата уметност МоМУС во Солун в среда ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко” организирана од Музејот на современата уметност (МСУ) од Скопје, на која ќе бидат претставени дела на 14 уметници од Југоисточна Европа.
Изложбата ја испитува несигурноста во различните социјални, политички и културни контексти поврзани со ранливоста и егзистенцијалната непредвидливост во земјите од Југоисточна Европа.
– Видео, сликарство, фотографија и инсталации се медиумите кои се користат за да се подигне свеста за општата опасност и да нѐ натера да го доведеме во прашање начинот на кој ја доживуваме нашата актуелна ситуација и да нè натера да размислуваме како нашите индивидуални визии, одговорности и обврски можат да бидат социјално споделени и да служат на колективни цели – информира МСУ.
Куратори на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова од МСУ, а ќе бидат претставени дела на македонските уметници Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски и на уметниците Ана Адамовиќ (Србија), Лучезар Бојаџиев (Бугарија), Флака Халити и Албан Муја (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Ахмет Огут (Турција), Марија Пападимитриу и Антонис Питас (Грција), Рената Полјак (Хрватска), Анри Сала (Албанија / Франција),
Изложбата е финансиски подржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија и Еуролинк осигурување. Таа е соработка помеѓу двата музеја (МСУ-Скопје и МоМУС-Солун) како дел од пошироката заедничка програма на МСУ Скопје со институции и музеи од регионот, Европа и пошироко.
Во Солун изложбата ќе биде отворена за јавноста до 15 септември 2019, а потоа Музејот на современа уметност-Скопје на крајот од септември ќе биде домаќин на изложба на дела од колекцијата на солунскиот музеј МоМУС