Доколку Обединетото Кралство ја напушти Европската унија без договор, Ирска ќе бара милиони евра помош од ЕУ, пишува ирски „Индипендент“.
Лондон треба да ја напушти ЕУ на 30 март 2019 година, но процесот е засега во ќор-сокак откако премиерката Тереза Меј го одложи гласањето за Договорот за повлекување од ЕУ во декември.
Договор е потребен пред напуштањето на Обединетото Кралство со цел Брегзит да биде „уреден“. Во спротивно, многумина стравуваат од хаос на границите и во економијата како во ЕУ така и во Велика Британија.
Ирскиот министер за земјоделство Мајкл Крид изјави за „Индипендент“ дека поради негативните последици за ирскиот пазар тој се подготвува да го отвори прашањето на првиот министерски состанок на ЕУ за земјоделство по напуштањето на Обединетото Кралство во април.
– Се работи за стотици милиони евра, меѓу говедската индустрија и рибната индустрија, зборуваме за мега-пари – изјави Крид.
Даблин веќе ја предупредил Европската комисија дека ќе „лобира итна помош“ за да се справи со негативни последици врз ирската трговија по Брегзит.
– Има висок степен на свест за ирското изложување на британскиот прехранбен пазар, но мислам дека никој не сака засега да зборува за тоа затоа што сѐ уште има надеж и очекување дека здравиот разум ќе преовладе – изјави Крид.
Европската Комисија денеска не сакаше да ги коментира овие наводи.