Во Саудискиот конзулат пронајдени се „одредени докази“ дека Кашоги е убиен

174

Висок турски полициски претставник изјави дека полицијата пронашла „одредени докази“ дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Неименуваниот претставник не даде детали за доказите кои се пронајдени во текот на повеќечасовниот претрес на Конзулатот, спроведен од турски истражители со помош на саудиските колеги.

Турски претставници тврдат дека саудиски агенти го убиле и распарчиле телото на Кашоги на 2 октомври во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Саудиска Арабија до сега ги демантираше таквите тврдења, но американските медиуми објавија дека Ријад најверојатно ќе признае дека Кашоги починал за време на испитувањето, како и дека првобитната намера била тој да биде киднапиран.

Во меѓувреме дел од турските медиуми објавија дека саудискиот конзул Мохамад ал Отајби од Истанбул полетал за Ријад, каде се истражува евентуалното убиство на саудискиот новинар.

Во Ријад денеска претстојува американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој се сретна со министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Ахмед ал Џибеир и со саудискиот крал Салман.

Според Стејт департментот, Помпео на средбите во Ријад ја пренел загриженоста на САД поради исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги.

Претходно, шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу изјави дека Помпео ќе даде повеќе информации за случајот, кој од Ријад утре ќе ја посети Турција.

Кашоги (59) исчезна на 2 октомври откако влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Тој ја напушти Саудиска Арабија минатата година откако ја критикуваше саудиската политика во Јемен и притисокот што се врши врз критичарите на власта.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...