Во Русија евакуирани 10 детски градинки поради закани со експлозивни направи

Децата и учителите се евакуирани во други објекти во непосредна близина.

60

Во рускиот град Владивосток се евакуирани 10 детски градинки поради добиени анонимни дојави за опасност од експлозии, пренесе Тасс, цитирајќи ја прес службата на градоначалникот.

Претходно информации за подметнати експлозивни направи беа добиени и во 29 други детски градинки во градот Хабаровск, каде се евакуираат над 5.600 деца. Слични закани биле упатени и во сите детски градинки во Комсомолск, на Амур, пренесоа агенциите.

Пет детски градинки се евакуирани и во градот Благовешченск, по информациите дека се „минирани”, пренесе Тасс. Органите на реда ги проверуваат објектите.

„Денеска овие објекти и немаат многу деца поради снежната виулица, но ние, сепак, ги информиравме родителите за да можат да си ги земат“, прецизира канцеларијата на градоначалникот.

Децата и учителите се евакуирани во други објекти во непосредна близина.

Во Владивосток во моментов има виулица и врне снег. Температурата на воздухот е около 10 степени под нулата, јавува Тасс.

Од декември минатата година до сега се примени неколку масовни предупредувања за подметнати бомби во училишта, универзитети и детски градинки во Амурската област, Приморскиот и Хабаровскиот крај и други региони на рускиот Далечен Исток што го нарушија процесот на работа на стотици училишни зданија. Ниту едно од предупредувањата досега не се потврди, забележува Тасс.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...