Бројот на жртви во пожарот во зградата на студиото за анимација „Кјото енимејшн“ во западниот јапонски град Кјото нарасна на 33 лица и се верува дека веќе нема исчезнати лица, соопштија властите.
Претставникот на пожарникарската служба на Кјото, Казухиро Хајаџи, изјави дека 36 лица се повредени, од кои 10 се наоѓаат во критична здравствена состојба.
Според Хајаџи, пожарникарите на последниот трети кат од зградата пронашле најголем дел од жртвите, вклучувајќи ги и оние кои се онесвестиле на скалите што водат кон покривот. Две тела биле пронајдени на првиот кат, 11 на вториот и 20 на третиот, пренесоа американските медиуми.
Според јапонските медиуми, осомничениот најверојатно пожарот го подметнал на главниот влез, присилувајќи ги луѓето да се обидат да пронајдат други излези, што го забавило нивното бегство од зградата.
Ова е најсмртоносниот ваков случај во Јапонија од пожарот во 2001 година во кој загинаа 44 лица, во еден забавен парк во Токио.
Осомничениот за подметнување на пожарот, исто така, е повреден и се наоѓа во болница.
Фото: EPA/JIJI