Во Музејот на град Скопје утре во 21 часот ќе биде отворена изложбата „Долго патување во ноќта“ на Владимир Бороевиќ и ќе биде промовирана монографијата „4 приказни видувања“ за неговото творештво чии автори се Емил Алексиев, Соња Абаџиева, Оливера Ќорвезироска и Лазо Плавевски, при што свое обраќање ќе има Славко Нинов.
Владимир Бороевиќ е мултидисциплинарен уметник, сликар, поет, писател, дизајнер и карикатурист. Тој е еден од значајните македонски уметници чие вкупно творештво и творечки опус не се до сега интегрално презентирани.
Бороевиќ има оставено своја препознатлива и неизбришлива трага во македонската ликовна уметност, менувајки ги, често, стиловите и насоките на својот творечки пат и исчекорувајки надвор од поставените граници. Од иклучително значење за историјата на македонската современа уметност е неговиот придонес во развитокот на карикатурата и нејзиното издигање на рамниште на легитимна ликовна уметност, како и неговиот исклучителен придонес кон развитокот на македонскиот дизајн и применета уметност. Еднаков продонес во историјата на македонската современа уметност има неговот сликарство. Тој е и автор на една значајна стихозбирка и на еден роман (во печат).