Во мај и јуни Кинотека ни нуди ретроспективи и авторски програми

140

Кинотеката ја објави програмата за мај и јуни во која најавува  спектар од интересни автори и настани, како и неколку значајни ретроспективи. На почетокот на мај ќе има филмови во рамки на Деновите на руски филм, а по повод Денот на победата, како и „Оберхаузен патува: ретроспектива на Фестивалот на краткометражен филм“ со дваесетина наслови од најновата продукција на кратки филмови.

Од 9 до 16 мај ќе се одржува 9. Филозофски филмски фестивал, кој ќе почне со филмот „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс. Филмовите од ревијалната програма на овој фестивал ќе бидат проследени со разговори со интелектуалци и филозофи.

Овој месец во Кинотеката ќе биде организирана и Недела на италијанскиот филм, а од 31 мај до 4 јуни со седум играни филма ќе биде опфатен пресек од опусот на Рајко Грлиќ, еден од најзначајните филмски автори на ексјугословенската и хрватската кинематографија. Ќе бидат прикажани филмови од неговите почетоци како протагонист на прашката школа – до неговите остварувања во последнава деценија.

– Филмската програма на Кинотеката за мај и јуни се движи, по обичај, меѓу класичните кинотечни наслови и новите тенденции во европската и светската кинематографија. Но, не е заборавена ниту домашната продукција. Напротив, во стандарните термини за долгометражните играни филмови ќе може да се видат десетина краткометражни филмови од македонски автори, продуцирани во последниве две години – соопшти Кинотеката. 

На кинотечната програма за мај и јуни се и филмови на потврдени  автори, како Фатих Акин, Кен Лоуч, Павел Павликовски, Франсоа Озон, Горан Паскаљевиќ…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...