Во Киев е уапсен рускиот новинар и уредник на порталот Риа Новости Украина, Кирил Вишински кого украинските власти го сомничат за државно велепредавство.
Вишински бил уапсен вчера пред неговиот стан, а во исто време припадници на службата за безбедност на Украина спроведоа рации во Риа Новости Украина и дописништвото на Раша Тудеј. Претресени биле и становите на новинарката Људмила Лисенко од Русија Севодња и шефот на дописништвото на агенцијата во Украина, Андреј Бородин.
Според информации од адвокатот на Вишински, рускиот новинар е префрлен од Киев во Херсон каде се наоѓаат канцелариите на украинското обвинителство. Сопругата на новинарот тврди дека нејзиниот маж има сериозни здравствени проблеми и оти мора да зема лекови.
Службата за безбедност на Украина го сомничи новинарот за државно велепредавство. Максималната казна за тоа кривично дело, според украинските закони, изнесува 15 години затвор. Безбедносната служба тврди дека Вишински се занимавал со „субверзивни акции на Крим“ и дека ја „поддржува Доњецката Народна Република и Луганската Народна Република“.
Агенцијата Русија Севодња на социјалните мрежи покрена хаштаг #ThruthNotTreason и #ЖурналистикаНеПредательство како знак на поддршка за Вишински.
По повод апсењето нановинарот, потпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека однесувањето на официјален Киев во оваа или слична ситуација е недозволиво.
– Руската страна ќе направи се со цел рускиот граѓанин да биде ослободен и да не се спроведуваат такви акции кон други претставници на медиуми без разлика дали се работи за руски граѓани или руски медиуми, изјави Захарова.
Службата за безбедност на Украина вчера изврши рации во киевските дописништва на РИА Новости Украина и Раша Тудеј. Службата соопшти дека открила „мрежа на медиумски структури кои Москва ги користи за да спроведе хибридна војна против Киев“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков вчера рече дека Москва реципрочно ќе реагира на потезите на украинската Служба за безбедност против руските медиуми и оти ќе ги брани интересите на новинарите.
– Реципрочни мерки сигурно ќе бидат преземени, но за да можеме да кажеме нешто повеќе прво мораме да добиеме подетални информации, рече Песков.
ФОТО: Фејсбук