Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, Николче Бабовски денеска во Кавадарци ги додели првите картички за зелена нафта за земјоделците од оваа општина. Од понеделник, вакви картички ќе можат да подигнат сите земјоделци во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Бабовски рече дека Кавадарци е последната општина во која се распределуваат вакви картички. Се работи за 5.947 од вкупно 55 илјади платежни картички за набавка на гориво за земјоделска механизација. Кавадаречките картички се во вредност од 15.041.723 денари. Оваа подрачна единица е со најголем број на апликанти, од кои најмногу се лозари и овоштари.
– Со ова директно влијаеме врз намалувањето на трошоците што земјоделците ги имаат за производство, со што домашните производители ги правиме поконкурентни. Зборот е збор и картичките ги распределивме и пред ветениот рок. Практично, во неполн месец на сметките на земјоделците, со ова враќаме 200 милиони денари, односно им покриваме 30 отсто од производствените трошоци – рече Бабовски.
Најмалата сума на картичката е 500 денари, а најголемата сто илјади.
Тој информираше дека паралелно, освен што се внимава на аграрот, се внимава и на условите за живот во руралните средини. Агенцијата од буџетот на Република Северна Македонија одобри четири проекти за развој на овој дел од земјата преку рурална инфраструктура. Средствата за реализација на капитални инвестиции се обезбедени преку Програмата за рурален развој, а во наредниот период во кавадаречко ќе се градат инфраструктурни проекти во вредност од 48,5 милиони денари.
– Тоа претставува уште еден доказ дека Владата се грижи и за условите во кои живеат земјоделците. Преку Програмата за рурален развој создаваме поквалитетни услови за живот во руралните средини. Зборот е збор, сите мерки и програми кои ги спроведува Агенцијата, се насочени кон развојот на домашниот агро сектор и раст и развој на руралните средини. Продолжуваме да создаваме поволни услови за земјоделството- нагласи Бабовски.
Во одговор на новинарски прашања, тој соопшти дека денар по килограм грозје како ветена интервентна мерка од лани, ќе се исплати по ребалансот на буџетот. Малиот дел од лозари кои не добија пари за грозје предадено во две винарии пред неколку години, наспроти најголемиот дел кои дојдоа до пари преку интервенција на државата, исто така ќе ги добијат своите пари.
Бабовски нагласи дека значајно им е секој земјоделец да биде задоволен.