Законот за безбедност и здравје при работа во изминатите 12 години не ги даде очекуваните резултати. Бројот на несреќи и смртни случаи на работното место не се намали. Потребна е негова вистинска имплементација во реалноста и подигнување на свеста кај сите работници и компании за важноста од ова прашање, порачаа учесниците на дводневниот регионален форум што се одржува во Скопје.
Тие се согласни дека е потребно да се направи исчекор во законската регулатива, како и да се изгради база на податоци која ќе дава точни информации за случените несреќи или смртни случаи на работното место. Најважна е соработката меѓу работниците и работодавачите кои заеднички треба да се посветат на самата имлементација на законот.
– Доколку работниците и работодавачите се посветат на имплементацијата на заштитата и безбедноста при работа тогаш ќе имаме вистински резултати. Колку може Трудовиот инспекторат да ги посети сите компании, ако имаме предвид дека постојат голем број мали и микро претпријатија во земјава. Истата ситуација е во земјите од Европската унија. Обучен работник и подобрување на социјалниот дијалог се она што е пресудно за подобрување на состојбите – вели Виктор Кемпа од Европскиот синдикален институт.
Според Милан Петковски од македонското Здружение за безбедност и здравје при работа, најважно е да станеме свесни дека само здрав работник може да создаде дополнителна вредност, а не болен човек.
– Ако ова не го научиме и ако не ја усвоиме превентивната култура, тогаш ние и во иднина ќе си ги повторуваме истите работи – дека инспекцијата не е добра, дека рабодавачите не се добри, дека работниците не се едуцирани. Изминатата година имаме пораст на несреќните случаи, поточно оние кои резултираат со смрт на работното место. Македонија не е безбедно место за работа. Македонија сѐ уште е земја каде се гине на работното место, вели Петковски.
И од синдикатите и од Организацијата на работодавачи се согласни дека донесувањето на еден закон без негова вистинска имплементација не може да биде решение за подобрување на состојбите во оваа област.
– Примената на законот е неопходна бидејќи се случија многу несреќи на работното место, посебно во градежниот сектор. Ако се применуваше законот, немаше да се случи ова – вели претседателот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски.
Од Организацијата на работодавачи сметаат дека главниот пердизвик е како законот да се спушти на самото работно место каде се случуваат несреќите.
– Законот се сведе на една формалност, процедура на тони хартија кои покажуваат дека работодавачот ги исполнил законските обврски и потоа хартијата стои во фиока. Главниот предизвик е како законот да се спушти на самото работно место каде се случуваат несреќите. Синдикатот и работодавачите многу подобро можат да дадат резултат отколку оние надворешните стручни лица кои еднаш во годината или ниеднаш доаѓаат во компанијата – истакнува Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Дводневниот форум е организиран од Сојузот на синдикати на Македонија и Секторот за БЗР на Европскиот синдикален институт. На него учествуваат претставници од седум држави во регионот.