Земјава во 2018 година имала 17.778 жители со возраст од 85 години и над тоа. Поголемиот дел од нив се жени, а најмногу жители со 85 и повеќе години има во Скопје и скопскиот регион.
Официјалните статистички податоци, кои се однесуваат на 2018 година покажуваат дека 11.144 жени и 6.634 мажи во земјава имаат 85, и повеќе од тоа, години.
Статистиката не ги издвојува граѓаните кои имаат сто и над сто години, но наведува дека за 179 луѓе во 2018 година немала обезбедено податок колку години имаат.
Најмногу жители на земјава на возраст од 85 години и повеќе имало во Скопкиот регион, вкупно 6.750. Следат Пелагонискиот регион каде што се регистрирани 2.505 граѓани на овие години, Југозападниот регион со 1.630 и Југоисточниот регион со 1.515 жители на возраст од 85 и повеќе години.
Во Источниот регион со регистрирани 1.484 граѓани со возраст повисока од 85 години, додека во Полошкиот регион живеат 1.335 граѓани кои имаат 85 години и повеќе од тоа. Малку понизок е бројот на жители кои се приближуваат или надминуваат 100 години и живеат во Вардарскиот регион – вкупно 1.287, додека во Североисточниот регион 1.272 граѓани се на возраст од 85 и повеќе години.
Интересен податок околу тоа колку жители во земјава имаат 100 и над 100 години презентираа здравствените власти во 2017 година кога беше речено дека најмалку 418 лица кои имале над 100 години закажале некаков преглед на Мој термин.
Светските статистики, пак, покажуваат дека во светот бројот на луѓето што навршиле 100 години лани се искачил на 533.000. Околу 80 отсто од 100-годишниците се жени.