Францускиот премиер Едуар Филип денеска треба да ги открие деталите за пензиската реформа пред Економскиот, социјалeн и еколошки совет, по 18 месеци консултации, додека Франција и особено Париз и парискиот регион сѐ уште се блокирани од националниот штрајк, почнат пред седум дена.
Едуар Филип предупреди дека денеска нема да има „никакви волшебни најави“, но, како што објави националното радио Франс Интер, за последните мерки се одлучувало до доцна ноќеска во Елисејската палата.
Главната вест е дека оваа пензиска реформа нема да се направи за генерацијата 1963 година, како што претходно беше предвидено, туку за генерацијата 1975 година, почнувајќи од 2025 година. Таа, имено, ќе важи за оние кои ќе имаат 50 години на 1 јануари 2025 година. Датумот бил одобрен синоќа од страна на Емануел Макрон, кој до доцна ноќеска имаше состанок со министрите вклучени во реформата и кадрите на парламентарното мнозинството.
Осумнаесетгодишниците ќе влезат во новиот систем од 1 јануари 2022 година, датум кога ќе почне да важи целосната минимална пензија во висина од 1.000 евра.
На одредени категории на пензинери ќе им требаат неколку години за да ги обноват своите кариери, со помош на предложените бонуси, за да не бидат губитници, наведува еден од учесниците на состанокот. Тоа се однесува на наставниците, болничкиот персонал и полицајците.
Последната арбитража пред официјалното објавување на реформите со новиот пензионерски систем е дека : законската возраст на заминување нема да се промени, но сепак Французите ќе бидат охрабрени да работат подолго …
Во пензија ќе се заминува на 64 години до 2027 година, со пораст на возраста од 2022 година. Макрон пред неговите министри го сумираше длабокото значење на реформата за која смета дека е „фер и историска“. Претседателот им објасни дека сака да ја „врати вистинска солидарност, откако во меѓувреме преовлада корпоратизмот“.
Одговорот на синдикатите ќе биде познат по објавувањето на реформата од страна на премиерот Едуар Филип.