Во Верона и по цена на корона!

Од туристичките агенции кои веќе имаат уплатени аранжмани за претстојните празници, велат дека ако владата препорача или забрани организирање на патеувања и во подрачјата каде што се шири коронавирусот ќе ја почитуваат одлуката, но додаваат дека за нив клиентот е на прво место и ако некој посака да патува на сопствен ризик нивна должност е да му го организираат тоа патување.

1058

Туристичките агенции и граѓаните кои уплатиле патување за претстојните празници за Италија се во исчекување што ќе се случува со ширењето на коронавирусот таму и какви ќе бидат препораките и одлуките на нашата влада во врска со патувањата во оваа и во другите земји. Главно агенциите велат дека нивната работа ќе ја прилагодат според одлуките на нашата и на италијанската влада, но во основа ќе ги почитуваат барањата на граѓаните кои сакаат да патуваат. Владата за денеска најави дека ќе соопшти дали ќе забрани патување кон Италија каде што вирусот почна да се шири.

– Сѐ уште нема никаква реакција од граѓаните кои уплатија за патување во Италија за Велигден. Најверојатно се во исчекување што ќе се случува со ширењето на вирусот. Ние за 8 Март имаме аранжмани, но немаше интерес од граѓаните. За Велигден и за Први мај сме во исчекување што ќе се случува и какви ќе бидат реакциите на владата во Италија, хотелите и туристичките капацитети таму, но ќе го почитуваме и однесувањето на нашите клиенти – вели Ана Крстевска од туристичката агенција „Савана“.

Крстевска додава дека засега не може да каже дали агенцијата и граѓаните кои уплатиле патување ќе имаат штета.

– Тоа ќе зависи од хотелите каде што се уплатени аранжманите и авиокомпаниите преку кои се реализира патувањето. На пример за Кина аранжманите беа целосно обесштетени бидејќи и хотелите поради вирусот прифатија целосно враќање на парите, а тоа го направија и авиокомпаниите. За наредниот период не можеме да знаеме што ќе се случува. Ние ќе се прилагодиме на новонастанатата ситуација, бидејќи оваа состојба не може да се предвиди при организирањето на патувањата – вели таа.

Од туристичките агенции кои веќе имаат уплатени аранжмани за претстојните празници, велат дека ако владата препорача или забрани организирање на патувања и во подрачјата каде што се шири коронавирусот ќе ја почитуваат одлуката, но додаваат дека за нив клиентот е на прво место и ако некој посака да патува на сопствен ризик нивна должност е да му го организираат тоа патување.

Славе Сирачевски, претседател на Здруженитео за туризам и угостителство на Стопанската комора, вели дека ваквите вонредни ситуации посебно го наметнуваат прашањето на осигурувањето на патувањата.

– Кај нас нема практика на осигурување на патувањата. Ниту една осигурителна компании во земјава нема таква услуга. Сепак, да бидеме реални, и да има не може да се каже колкав би бил интересот за вакво осигурување бидејќи за најмалку 30 отсто би ја зголемило цената на патувањето. Во одделни земји тоа функционира и е на добробит и на клиентите и на туроператорите – додава тој.

Како Здружение, појаснува тој, реално е да очекуваме загуби доколку состојбата се искомпликува, односно продолжи да се шири вирусот.

– Во таков случај туроператорите ќе се борат да обезбедат што поголем процент од уплатеното да се врати од хотелите и авиокомпаниите, иако многу потешко оди со авиокомпаниите. Сепак, да се надеваме дека нема да ја доживееме најлошата варијанта кој е на штета на граѓаните и на туроператорите – вели Сирачевски.

Владата за денешната седница најави одлука за тоа дали ќе забрани патувања во земјите каде што се шири вирусот и за новите мерки за претпазливост на граничните премини и на аеродромите. Засега се одвиваат летови од земјава кон италијанските аеродроми.

Во Италија има повеќе од 200 заразени со коронавирусот и седум починати. Во земјата вирусот се шири во северниот дел од земјата каде што се преземени и мерки за претпазливост, но последната информација е дека вирусот почнал да се шири и во другите делови на земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...