Претставата „ММЕ кој прв почна“ по текстот на Дејан Дуковски и во режија на Слободан Унковски синоќа премиерно беше изведена на сцената „Љуба Тадиќ“ во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, претставата на проверениот македонски тандем Дејан Дуковски и Слободан Унковски во ЈДП е втора нивна соработка по култната претстава „Буре барут“.
Доајените Предраг Мики Манојловиќ, Јасна Ѓуричиќ, Миријана Карановиќ и Бранислав Лечиќ ги оживеаја ликовите на сцената на ЈДП опкружени со енергијата на неколку млади актери – Јована Беловиќ, Пеѓа Марјановиќ, Ана Рудакијевиќ, Милош Лазиќ, Милош Лучиќ и Нина Перишиќ. Публиката на крајот од претставата со овации ги испрати актерите од сцената.
-Политичката рамка за „дивиот Балкан“ и нејзините фолклорни карактеристики, исто така, го поврзуваат драматуршкиот тек на претставата во која Манојловиќ и Ѓуричиќ демонстрираа екстремно високи уметнички домети, напиша Танјуг.
Режисерот Унковски за „Политика“ изјави дека се надева дека направиле нешто што може да биде интересно, провокативно и длабоко емотивно за гледање и разбирање.
-Текстот е многу сложен и тежок да се работи, иако е навидум едноставен. Во ЈДП се здружи сериозен тим со амбиција да го направиме текстот видлив, препознатлив и да се воспостави врска со времето во кое живееме на еден софистициран начин, како и да го фатиме неискажливиот хаос што нè опкружува. Со ова, јас не мислам само на Србија и Македонија. Целта е да ги покажеме личните судбини како резултат на сè она што се случило во последните 20-30 години, што некако е вградено во нашето однесување, без разлика дали сме свесни за тоа или не, изјави Унковски.
„Маме му е… кој прв почна “ беше праизведена во Македонскиот народен театар во режија на Александар Поповски. Белградската публика неа имаше можност да ја гледа во 1997 година на БИТЕФ кога ја освои Гран-при наградата.
-Текстот е создаден во време кога овој хаос беше очигледен, земјата се распаѓаше, сè беше видливо однадвор, кога ништо повеќе не беше свето и сè се уриваше. А, како после тоа распаѓање влијаеше врз некоја личност, како се одрази на љубовта, на меѓучовечките односи? Оваа претстава говори за тоа. Последиците од овој распад на сите вредности се гледаат во човечките односи, во самиот човек, во неговата душа, изјави Бранислав Лечиќ, кој во претставата ги толкува ликовите на Кловн, Црниот Арапин, Икона и Шејтан.
Драматург на претставата е Јелена Миловиќ, која ја преведе драмата на Дуковски на српски јазик. Сценографи се Бранко Павиќ и Дејан Миљковиќ, костимограф е Лана Цвијановиќ, а композитор е Владимир Пејковиќ.
Ова е воедно и десетта режија на Слободан Унковски во ЈДП, каде што ги има поставено и: „Хрватски фауст“, „Театарски илузии“, „Буре барут“, „Шини“… По преставата „Буре барут“ (1995) во ЈДП е играна и претставата на Дуковски „Другата страна“ во режија на Милош Лолиќ (2006).