Во салата на Вуковата задужбина во Белград денес напладне на македонскиот поет Ристо Лазаров,на свечен начин му беа врачени наградите ,,Кочиќево перо“ за зимата 2019, за стихозбирката ,,Цедена“, како и престижната награда ,,Кочиќева книга“ која се доделува за целокупно творештво. Наградата ја додели жирито во состав Никола Вуколиќ, директор и главен и одговорен уредник на Кочиќевата задужбина во Бања Лука и Белград, писателот Миљенко Јерговиќ и литературниот критичар Младен Весковиќ.
Во присуство на голем број личности од литературниот и новинарскиот живот на Белград, за творештвото на Лазаров говореше Никола Вуколиќ, кој рече дека ,,денес Ристо Лазаров претставува едно од најзначајните имиња на нашиот книжевен простор. Мислам дека нема веќе никакво сомнение дека тој со својата целокупна, пшовеќегодишна книжевна работа, на најубав начин го одбележа изминатиот период во нашата книжевност. Едноставно речено, Ристо Лазаров создаде раскошно книжевно дело, по кое е препознатлив и познат. Благодарејќи и на својата проникливост и писателскиот занает, Ристо Лазаров го потврди својот углед и со тоа ја заслужи и овогодишната награда ,,Кочиќева книга“ што се доделува за целокупно книжевно творештво“.