Вонредна состојба на грчкиот остров Идра

Според сведоштвата на жителите на Идра за грчките медиуми, островот нема ниту струја ниту вода, рестораните не работата, а туристите бараат билети за да се вратат во Атина.

177

Без електрична енергија од вчера е грчкиот остров Идра, а денеска, генералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Јоанис Тафилис прогласи вонредна состојба за итно да се санираат последиците од прекинот на струја, јави дописничката на МИА од Атина.

Според сведоштвата на жителите на Идра за грчките медиуми, островот нема ниту струја ниту вода, рестораните не работата, а туристите бараат билети за да се вратат во Атина.

Министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, неколку минути по полноќ, на неговиот официјален Твитер профил објави дека армијата ставила на располагање брод за водоснабдување, како и четири електрични генератори, доколку бидат побарани.

На островот веќе се наоѓа брод од грчката воена морнарица за снабдување со вода.

Од операторот за дистрибуција на електрична енергија, преку соопштение, вчера објаснија дека работат на санирање на штетата и им се извинуваат на потрошувачите.

Идра е од островите на кои постои забрана за употребата на моторни возила, со што дополнително се отежнува санирањето на штетата.

Иако крај на август, според медиумите во Грција, островот е полн со туристи.

Причините за прекинот на струја вчера наутро во 5 часот и 30 минути официјално се уште се непознати.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...